Вардар нема избор, ќе мора да даде најмалку гол во реваншот

Јаневски: Тоа е убавината на куп натпреварите, ќе играме на победа во Тетово

Чедомир Јаневски ќе има тешка задача да корегира доста работи кај шампионот, ако Вардар сака да ја елиминира Шкендија во националниот куп, по денешните 1:1 во Скопје во првиот дуел од четвртфиналето

објавено: 21 февруари 2018 - 16:36

Чедомир Јаневски ќе има тешка задача да корегира доста работи кај шампионот, ако Вардар сака да ја елиминира Шкендија во националниот куп, по денешните 1:1 во Скопје во првиот дуел од четвртфиналето. Гостите беа подобри, имаа повеќе шанси, но сепак ќе има неизвесен реванш во Тетово на седми март. Во вакви дуели меѓу Вардар и Шкендија никогаш не може да се предвиди исходот, иако сега домашниот терен ќе биде предност на тетовци.

„Тежок меч за двата тима. Ова е поинаков начин на игра, и имате само 180 минути да го решите победникот. Затоа и од двете страни се играше попретпазливо. Не беше толку убав меч за око. Мислам дека примивме гол по наша грешка, што ни ја отежна работата. Ни ги смени плановите, да победиме без примен гол. За среќа израмнивме со прекрасен гол на Фелипе. Мора да поправиме грешки во неколку сегменти во играта, иако немам некакви големи забелешки на моите фудбалери. Ако сакаме да се пласираме во полуфиналето ќе мора да постигнеме најмалку еден гол. Куповите затоа и се интересни. Видовме дека и Виган го елиминираше Манчестер сити, така да верувам дека во Тетово шансите се израмнети“, вели Јаневски.

Реваншот ќе се игра на 7.март во Тетово.

Најново во Фудбал