Голманот и донесе финале на Шкендија

Јовановски го мина патот од трагичар до херој против Вардар

Марко Јовановски мина низ многу искушенија против Вардар, а од трагичар на Шкендија во февруари, вечерва е вистински херој и најзаслужен за пласманот на тетовци во финалето на националниот Куп

објавено: 19 април 2017 - 19:20

Марко Јовановски мина низ многу искушенија против Вардар, а од трагичар на Шкендија во февруари, вечерва е вистински херој и најзаслужен за пласманот на тетовци во финалето на националниот Куп.

На 26. февруари, голманот на Шкендија направи кардинална грешка во 28. минута од дуелот на „Филип Втори“ арената, му ја додаде топката на Тигран Барсегјан, а овој лесно погоди за предност од 1:0 на Вардар. Тогаш скопјани слаева со 3:1, а во соблекувалната на Шкендија на полувремето, Јовановски беше нападнат од капитенот Ферхан Хасани. 

Навивачите бараа Марко да си оди, но тој го издржа притисокот и денеска блескаше на голот на Шкендија. И пак против Вардар, овојпат во реванш полуфиналето од македонскиот куп. Навидум се чинеше дека Шкендија ќе има лесна задача да го одбрани капиталот од скопските 3:1, но Вардар покажа зошто е лидер и шампион на Македонија. Гостите постојано напаѓаа, но последната пречка, Марко Јовановски беше несовладлив. Само во 60. минута Дарко Велковски успеа да го надмудри, иако ударот со глава на вардаровиот играч беше неодбранлив. 

Дејан Блажевски, потоа и Дамир Којашевиќ, Тигран Барсегјан и Балотели имаа зицери за гол, во ситуација еден на еден со голманот на Шкендија, а Јовановски на чудесен начин ја чуваше мрежата и ја спаси Шкендија од елиминација. И тој е најзаслужен што тетовци и буквално се провлекоа низ иглени уши и ќе го бранат трофејот на 17. мај против Пелистер.

 

Најново во Фудбал