ДЕЛЕГАТОТ НА НАТПРЕВАРОТ ВО ОХРИД РАЗЈАСНИ

Коселчани фалсификувале: Тројца играчи настапиле со лажни документи, па на полувреме избегал целиот тим!

Натпреварот помеѓу Косел Вулкан и Македонија Ѓорче Петров беше единствениот кој денеска не го дочека крајот од сите дуели во 1/16 финалето на Купот на Македонија. Во Охрид на стадионот „Билјанини извори" се одиграа само 45 минути, по што домаќините решија да не искочат по полувремето иако водеа со 2-0. Со тоа автоматски Вулкан го загуби натпреварот со службени 3-0.

објавено: 12 август 2015 - 20:49

Официјална причина за напуштање на натпреварот од страна на екипата на Вулкан нема, но најверојатно е поради тоа што домаќините во своите редови имале играчи со фалсификувани документи, односно легитимации.

„Уште во текот на првото полувреме претставникот на гостинската екипа реагираше до мене дека се сомнева дека тројца фудбалери на домашниот тим не се тие кои се претставуваат", изјави за „Спортмедиа" делегатот на натпреварот Мехмет Абдиу. „На полувремето од натпреварот јас од тројцата фудбалери за кои гостите се сомневаа дека не се тие кои се запишани во записникот побарав да донесат дополнителни документи за идентификација по завршувањето на натпреварот. Кога дојде време за почеток на вториот дел, на теренот се појави само гостинската екипа на Македонија Ѓорче Петров. Главниот судија на натпреварот почека 15 минути, како што налагаат правилата на Фудбалската федерација на Македонија по што и отсвири крај на мечот, а тоа значеше и службена победа од 3-0 за гостите", заврши Абдиу.

Не појавувањето на терен на екипата на Косел Вулкан во второто полувреме јасно покажува дека се фатени во лага, односно сакале да играат со фудбалери кои не се регистрирани за нивниот тим. Вакви случки во македонскиот фудбал за жал се доста чести особено во пониските лиги.

Б.К.

Најново во Фудбал