Последното четвртфинале почнува денеска

Ново дерби меѓу Вардар и Шкендија, на ред е првата епизода во Купот

Вардар и Шкендија продолжуваат со дерби мечевите, а по ремито во првото пролетно коло во домашното првенство, на ред е првиот меч од четвртфиналната пресметка во националниот куп

објавено: 21 февруари 2018 - 10:55

Вардар и Шкендија продолжуваат со дерби мечевите, а по ремито во првото пролетно коло во домашното првенство, на ред е првиот меч од четвртфиналната пресметка во националниот куп.

Денеска од 14 часот Вардар ќе и биде домаќин на Шкендија на Арената во Скопје, а последниот патник во полуфиналето ќе се знае по реваншот во Тетово, на 7. март.

„Дуелите со Вардар секогаш носат посебен шарм. Двете најдобри екипи во Македонија ќе одлучуваат за полуфиналето во купот. Ние сакаме двојна круна, треба да одиграме мудро во Скопје и потоа во Тетово на реваншот да се обидеме да го елиминираме Вардар. Денеска е важно да постигнеме гол-два за помирен реванш на седми март“, вели Бесарт Ибраими, вториот најдобар стрелец во македонскиот шампионат.

Шкендија играше во три финалиња во последните пет изданија на купот, но освои само една титула. 

Вардар е најтрофеен и во националниот куп со пет титули од шест домашни финалиња, но нема пехар од 2007 година кога ја победи Победа во завршниот меч.

„Пред нас се два натпревари против Шкендија во Купот, првиот меч го играме на домашен терен. Повторно ќе кажам, од Вардар се бара во сите натпреварувања кои ги игра да оди на победа, така ќе биде и во Купот на Македонија каде сакаме да стигнеме што подалеку, и да го освоиме пехарот. Одиме чекор по чекор, знаеме дека ќе бидат два тешки меча, меѓутоа како што реков, ќе дадеме се од себе да поминеме во следната фаза", вели Чедомир Јаневски, тренерот на Вардар.

Во полуфиналето веќе се пласираа Пелистер, Ренова и Академија Пандев.

Најново во Фудбал