Вардар и Шкендија заредија со нерешени

Ново реми на дербито и нова мајсторија на Фелипе (Видео)

Вардар и Шкендија повторно одиграа нерешено, 1:1, вторпат за една седмица, овојпат во Скопје, во првиот четвртфинален меч во националниот Куп. Индивидуалните мајстории на Бесарт Ибраими и особено на Хуан Фелипе беа главните моменти на мечот

објавено: 21 февруари 2018 - 15:51

Вардар и Шкендија повторно одиграа нерешено, 1:1, вторпат за една седмица, овојпат во Скопје, во првиот четвртфинален меч во националниот Куп. Индивидуалните мајстории на Бесарт Ибраими и особено на Хуан Фелипе беа главните моменти на мечот.

Во 63. минута во екот на доминација на гостите од Тетово, Дарко Глишиќ погреши, Шкендија тргна во контра, која ја реализира Бесарт Ибраими. За предност од 1:0 за тетовци.

Вардар изгледаше немоќно и инфериорно на теренот, но затоа во вакви моменти на сцена стапуваат фудбалските мајстори. Од калибарот на Хуан Фелипе. По фаулот над Тигран Барсегјан, Бразилецот од место од слободен удар ја погоди пајажината на голот на немоќниот Костадин Захов во 79. минута. Нов еврогол од слободен удар на Фелипе, што му ја врати надежта на шампионот дека е кадарен да ја елиминира Шкендија.

Реваншот ќе се игра во Тетово на седми март, а во полуфиналето веќе се екипите на Пелистер, кој е актуелен бранител на пехарот во Купот, потоа и Ренова и Академија Пандев.

Најново во Фудбал