Финалистите во битка за вториот пехар во клупската историја

Шенсои: Ние сме гладијаторите на терен, публиката само нека ужива во добар фудбал

Утре од 17 часот во Струмица ќе се игра 25. финале во националниот куп на Македонија, а Пелистер и Шкендија се во идентична позиција да бијат битка за вториот пехар во клупската историја

објавено: 16 мај 2017 - 14:54

Утре од 17 часот во Струмица ќе се игра 25. финале во националниот куп на Македонија, а Пелистер и Шкендија се во идентична позиција, да бијат битка за вториот пехар во клупската историја.

Клубот од Тетово го брани трофејот, а битолчани сакаат реприза од 2001 година кога го освоија единствениот куп досега.

„Би ја искористил познатата изрека на Цезар. Нека биде ова битка за народот, нека има игра, а ние ќе бидеме гладијаторите на теренот. Македонија ми е седма земја каде сум работел, а ова ми е вкупно трето куп финале. Во Бугарија и во Албанија ми успеа да стасам до финалето, а сега се надевам и дека ќе го кренам пехарот. Го почитуваме противникот, Шкендија е силен тим, но најважно е да биде коректно и на теренот и особено на трибините. Нека победи подобриот“, рече Наџи Шенсои, тренерот на Пелистер.

Шкендија на хартија е фаворит, но тетовци велат дека Пелистер е мошне тежок ривал.

„Јас играв фудбал со капитенот на Пелистер Горан Пашовски и повторно ќе бидеме заедно, пријателски, без разлика кој ќе победи. Секако утре ќе бидеме ривали, но потоа остануваме пријатели. Сакам да победи подобриот. Секако ќе си подадеме рака. И секако апел до навивачите, нека биде ова претстава за паметење во убав амбиент“, рече Ехан Селими, стратегот на Шкендија.

Најново во Фудбал