ВО ТРЕТИОТ ОБИД ПРВА ТИТУЛА ЗА ТРЕНЕРОТ НА ПЕЛИСТЕР

Шенсои: Шкендија е голем противник и затоа радоста е огромна

Наџи Шенсои во третото свое финале како тренер, конечно ја освлои првата куп круна, а тоа го стори во Македонија, со Пелистер и тоа како што вели против големиот противник Шкендија

објавено: 17 мај 2017 - 20:45

Наџи Шенсои во третото свое финале како тренер, конечно ја освои првата куп круна, а тоа го стори во Македонија, со Пелистер и тоа како што вели против големиот противник Шкендија. Во драматичен меч што траше долго и беше решен на пенали, битолчани славеа со 4.3.

„Тоа се пеналите, можеа и двете екипи да победат. Двапати не успеав во различни екипи да го кренам пехарот, во Бугарија и во Албанија, па сега сум пресреќен што во третиот обид успеав да славам со Пелистер. Од нас се бараше да се избориме за излез во Европа, а ние отидовме чекор понатаму и го освоивме пехарот во купот, што долго го чекаа битолчани, цели 16 години. Шкендија е многу креативна екипа, уживам да гледам мајстори на фудбалот како Ибраими и Хасани, но ете сега ние имавме повеќе среќа. Колку поголем е противникот, толку повеќе се радуваме. Им честитам на моите играчи" изјави Наџи Шенсои, тренерот што по 16 години пауза, успеа да го предводи Пелистер до врвот во македонскиот куп.

Со Ботев во Бугарија и со Билис во Албанија, Наџи не успеа да го крене пехарот, па Битола и Пелистер ќе ги памети за цел живот. Во сосема спротивна ситуација е Ерхан Селими. Тој го замени Томас Брдариќ на кормилото на Шкендија, пред една седмица и во првиот меч загуби во финалето на купот.

„Му честитам на Пелистер за освоениот куп. Имавме шанса да зборуваме таму каде што требаше, на теренот, па сега секој збор е вишок. Пелистер имаше тактика да оди на продолженија и на пенали, што им успеа. Им благодарам на навивачите и им се извинувам за поразот“, изјави Ерхан Селими, тренерот на Шкендија. Тој не успеа да го одведе тимот до крај и да ја одбрани круната од лани, откако тетовци паднаа на пенали.

 

Најново во Фудбал