Завршија првите четвртфинални мечеви

Шкендија нема рецепт за Шкупи, Вардар веќе е полуфиналист во македонскиот Куп

Актуелниот бранител на трофејот во националниот Куп, Шкендија, повторно не најде рецепт за гол и за победа против Шкупи, иако резултатот од првиот меч, 0:0 им дава предност за пласман во полуфиналето. Вардар е веќе полуфиналист, а со предност од еден гол Пелистер ќе патува на реваншот во Кратово

објавено: 23 ноември 2016 - 15:34

Актуелниот бранител на трофејот во националниот Куп, Шкендија, повторно не најде рецепт за гол и за победа против Шкупи, иако резултатот од првиот меч, 0:0 им дава предност за пласман во полуфиналето. Вардар е веќе полуфиналист, а со предност од еден гол Пелистер ќе патува на реваншот во Кратово. Одличен резултат има и Брегалница, по ремито, 2:2 против Победа на гостински терен.

Шкендија нема постигнато гол против Шкупи нешто повеќе од 270 минути, во мини-серијалот на меѓусебни мечеви за помалку од еден месец. Бранителот на трофејот двапати одигра без голови со Шкупи, а еднаш загуби со 1:0 и тоа во Тетово. И денеска гостите ја имаа иницијативата, но не најдоа рецепт како да постигнат гол против тимот од Чаир.

Вардар рутински го победи Металург со 4:1 и е комотен пред реваншот на 7. декември. На „црвено-црните“ работата им ја олеснија и домаќините со одлуката во стартниот состав да играат 11 младинци. Асани, Николов, Попов и Петковски со голови во првиот дел ги разрешија сите дилеми за патникот во полуфиналето, а Фидановски во 89. минута го постигна почесниот погодок.

Ветеранот Боби Божиновски на втор меч по ред му носи победа на Пелистер, овојпат во купот против Силекс. Тој погоди во 78. минута за триумф на битолчани од 1:0. Пелистер ја продолжи низата без порази и сега не знае за неуспех на 6 меча по ред. Кратовци пак го претрпеа првиот пораз по 5 натпревари.

Победа и Брегалница одиграа ефикасен меч, а прилепчани, иако беа фаворити на крајот се спасуваа од пораз. Поведе Победа со голот на Ристески, потоа Брегалниоца направи пресврт со помош на головите на Здравков и на Велинов, а израмни Гешовски.

Најново во Фудбал