Вардар немаше сили за победи

Шкупи со реми го изненади Вардар, Стојковски промаши два зицери за победа

Шкупи ќе има предност пред реваншот на Чаир против Вардар во осминафиналето на националниот куп, откако денеска во Ѓорче Петров одигра нерешено, 1:1. Гостите можеа и да победат, ако Кристијан Стојковски во финишот ги искористеше двете големи шанси

објавено: 30 ноември 2017 - 14:59

Шкупи ќе има предност пред реваншот на Чаир против Вардар во осминафиналето на националниот куп, откако денеска во Ѓорче Петров одигра нерешено, 1:1. Гостите можеа и да победат, ако Кристијан Стојковски во финишот ги искористеше двете големи шанси.

Најпрво Висар Муслиу му го блокираше ударот од само пет метри упатен кон празната мрежа на Вардар, а потоа напаѓачот на Шкупи промаши од десеттина метри и тоа за само неколку сантиметри.

И мечот почна одлично за Шкупи, а Јашаровски со убав гол им донесе предност во осмата минута. Вардар ја имаше иницијативата во текот на целиот меч, имаше и шанси, но се што успеа е да израмни со голот на Барсегјан.

Ерменецот постигна еврогол, иако можеби и не го очекуваше. Откосо во 59. минута упати удар што наликуваше на центаршут, а го погоди спротивниот агол на гостинскиот гол.

Реваншот се игра на 17. декември, како последен меч во сезоната.

Најново во Фудбал