Го надмудри својот добар пријател во 2001 година

Спасе Ристевски е талијата на Пелистер

Спасе Ристевски е единствениот тренер во долгата историја на Пелистер, што како шеф на стручниот штаб ги предводел битолчани до пехарот во националниот куп. И денеска е со Пелистер во Струмица, како помошник на Наџи Шенсои и пак се надева дека ќе биде победник во финалето и дека со останатите од „зелено-белиот“ табор ќе се радуваат на вториот трофеј во купот

објавено: 17 мај 2017 - 11:59

Спасе Ристевски е единствениот тренер во долгата историја на Пелистер, што како шеф на стручниот штаб ги предводел битолчани до пехарот во националниот куп.

Пелистер во финалето во Скопје, во 2001 година, ја победи Слога југомагнат со 2:1 и го крена пехарот. Ристевски успеа да го надмудри својот добар пријател Ѓоре Јовановски, кој тогаш беше тренер на Слога југомагнат.

И денеска е со Пелистер во Струмица, како помошник на Наџи Шенсои и пак се надева дека ќе биде победник во финалето и дека со останатите од „зелено-белиот" табор ќе се радуваат на вториот трофеј во купот.

„Горд сум на таа генерација што го освои купот, предводена од Митко Стојковски. Имаше екстра-квалитетни играчи, дел од нив репрезентативци на Македонија. Имаше и одлична атмосфера во тимот, а финалето беше посебна приказна. Успеавме на полувреме да водиме со 2:1, а потоа во вториот дел и да ја задржиме предноста и да победиме против Слога југомагнат во Скопје. Среќен сум што тогаш успеавме да го освоиме купот, единствен досега. Тогаш бев шеф на стручниот штаб, а сега како помошник на Шенсои, се надевам дека повторно ќе го кренеме пехарот и ќе го израдуваме битолчани“, вели за „Спортмедиа“ Ристевски.

Финалето заврши со победа на Пелистер од 2:1, со голови во првото полувреме. И покрај шансите на двете страни, во вториот дел немаше голови.

„Се сеќавам дека долго се славеше првиот пехар во Битола. И сега ќе биде така, а ко успееме да ја надмудриме Шкендија, денеска во Струмица. Освојување на титулата во купот би било круна на успешната сезона, Ја цениме Шкендија, но се игра еден меч и многу работи ќе зависта од инспирацијата, од желбата за триумф. За нас ова ќе биде финале во кое Пелистер може само да добие многу, бидејќи и со пласманот во првенството можеме да обезбедиме настап во Европа. Сепак се надевам дека уште денеска ќе ги тргнеме сите дилеми за пласман во квалификациите за ЛЕ. Посакувам фер- игра на теренот, дсобро судење и коректно навивање и мислам дека публиката ќе биде задоволна, без разлика на резултатот“, додава Ристевски.

Мечот се игра од 17 часот, а двете екипи ќе атакуваат на вториот трофеј во купот, во четвртото финале за двата состави.

 

Најново во Фудбал