Почнуваат натпреварите од полуфиналето во националниот куп

Трета среќа за Пелистер, или хет-трик за Академија Пандев, Ренова бара чаре за десетката на Шкендија

Бранителот на трофејот во националниот куп на Македонија, Пелистер ќе има тешка задача против незгодната за нив екипа на Академија Пандев во првото полуфинале, денеска од 14 часот. Во вториот двомеч Шкендија е фаворит по сите параметри на фудбалската игра против локалниот ривал од Тетово, Ренова

објавено: 14 март 2018 - 10:20

Бранителот на трофејот во националниот куп на Македонија, Пелистер ќе има тешка задача против незгодната за нив екипа на Академија Пандев во првото полуфинале, денеска од 14 часот. Во вториот двомеч Шкендија е фаворит по сите параметри на фудбалската игра против локалниот ривал од Тетово, Ренова.

Пелистер има шанса да го одбрани трофејот од лани, што го освои со победа на пенали против Шкендија во Струмица, но во полуфиналето има многу незгоден ривал. Академија Пандев во двата досега одиграни меѓусебни дуели двапати ги победи битолчани и ќе атакува на хет-трик. За домаќините ќе биде обид за трета среќа против струмичани по поразите од 3:4 и 0:2.

Шкендија има план да ја освои двојната круна, а има неверијатна серија од 10 меча без пораз против Ренова. За фаворитот проблем е што нема да игра Ферхан Хасани, но „гостите“ денеска ќе имаат уште поголема мака. Како да се надмине „баукот“ наречен Шкендија и да се победи ривалот за првпат по пауза од цели 3 години.

Последен пат клубот од Џепчиште ја совлада Шкендија на 8. април со 1:0 како гостин, а потоа следеше потоп и 6 порази и 4 нерешени средни со локалниот ривал, без ниту една победа во серијата од 10 меча.

Досега од овие 4 екипи најуспешен е Пелистер со два освоени пехари во четири финалиња, Шкендија има еден исто така од 4 финални мечеви, а Ренова во првиот обид, во 2012 година го крена пехарот во националниот куп. Академија Пандев е единствената екипа од квартетот полуфиналисти без трофеј во купот.

Најново во Фудбал