МАК-ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИТЕ ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА ПЛЕЈ-ОФ ВО ЛИГА ЕВРОПА

Демири оди на Бордо, Штурм стои на патот на Тричковски!

Познати се сите двојки во третото квалификациско коло на Лига Европа, а таму Македонија ќе има свои претставници.

објавено: 3 август 2018 - 12:15

Олимпија Љубљана на Даниел Аврамовски кој го елиминираше Крусејдерс од Северна Ирска ќе се соочи против финскиот тим на ХЈК. Едис Малиќи кој е дел од албанскиот Кукс ќе игра против грузискиот тим на Торпедо.

Иван Тричковски кој беше најзаслужен со два гола што АЕК Ларнака беше подобар од ирскиот Дандалк, а следната пречка ќе се вика Штурм Грац (Австрија). Во составот на кипарскиот клуб се наоѓа и Даниел Мојсов.

Потоа, Риека на Дарко Велковски и Леонард Жута ќе играат со норвешкиот Сарпсборг, а Хапоел Хаифа на Ристо Митревски ќе се соочи со Аталанта која срамно го елиминираше Сараево на Крсте Велкоски.

Хајдук Сплит на Мирко Ивановски го има пред себе поранешниот европски шампион Стеауа, а украинскиот Мариупол на Бесир Демири ќе има тежок ривал од Франција, Бордо.

Тоа што е интересно како податок во третото претколо Луксембург има дури две екипи, Дуделанж оди на Легија Варшава, додека Прогрес Нидеркорн за учество во плеј-офот ќе ги одмери силите против руската Уфа.

Тимовите исфрлени од Шкендија, Шериф за ривал го доби Валур од Исланд, а велшкиот ТНС налета на данскиот Митјиланд. Ерменската, но и европска сензација, Пјуник ќе се обиде да направи уште едно чудо против Макаби Тел Авив.

Првите натпревари од третото квалификациско коло во Лига Европа ќе се одиграат на 9. август, а реванш средбите се една недела подоцна.

Најново во Фудбал