Македонија синоќа покажа дека има фудбалски уметници од светска класа. Капитенот на репрезентацијата Горан Пандев гол во победата на Џенова против Верона од 3:1 во Серија А, додека два пати во листата на стрелци се впиша Енис Барди за Леванте на гостувањето кај Атлетик Билбао во шпанското првенство.
Пандев беше резерва и влезе во 81 минута при водство на Џенова од 2:1. Иако беше 10 минути на теренот, популарниот Гоче успеа да постигне вистински евро гол. Пандев ја освои топката на 40 метри од голот на противникот, сам тргна во напад и откако стигна на околу 20 метри, го лобуваше гостинскиот голман.
За разлика од Пандев, Барди беше стартер за Леванте и тоа по пауза од многу долго време. Дадената шанса македонскиот репрезентативец веднаш ја искористи. Атлетик Билбао водеше со 1:0, но на Барди му беа доволни две минути и два слободни удари, речиси од идентично место, за да даде два одлични погодоци.
Откако си ја заврши работата, Барди во вториот дел беше повлечен од игра, а Леванте на крајот славеше со 3:1 во Билбао.