ШАНСИТЕ СЕ МАЛИ, НО СЕПАК ПОСТОЈАТ

ИЗНЕНАДУВАЊЕ: Македонија може да биде домаќин на ЕП 2020

Поради доцнење во поставените работи, стадионот во Брисел може да го загуби домаќинството за континенталниот собир, а Скопје е како една од опциите на УЕФА

објавено: 21 февруари 2017 - 08:14

Македонија може да биде домаќин на Европското првенство во 2020 година!? Оваа опција станува се пореална, откако Европската фудбалска федерација (УЕФА) покажа незадоволство од тоа како се одвива изградбата на новиот стадион во Брисел. Белгијците доцнат со реализацијата на зададените задачи, па од УЕФА веќе размислуваат да се најде нов стадион, пренесува германското специјализирано издание на www.stadionwelt.de.

Челниците на УЕФА во Нион, веќе ја разгледуваат опцијата за тоа мечевите кои треба да се играат на стадионот во Брисел, да бидат распределени во други градови низ Европа. Како една од опциите е и Скопје со „Т-Мобиле Арената“, а меѓу кандидатите се и стадионите „Васил Левски“ во Софија, „Фредс Арена“ во Стокхолм, „Теди Колек“ во Ерусалим и „Трактор“ во Минск.

Скопје веќе доби една голема организација. Во август оваа година „Т-Мобиле арената“ ќе биде домаќин на Суперкупот на УЕФА. Токму овој настан и организацијата може да биде од големо значење околу тоа дали Скопје за три години би можел неочекувано да биде дел од организаторите на Европското првенство во 2020 година.

Континенталниот шампионат во 2020 година ќе се игра во 13 различни земји, а тоа е според планот на УЕФА по повод 60 години од првото Европско првенство кое се играше во 1960 година. 

Најново во Фудбал