Погодоци „летаа“ во Шпанија, Англија, Италија, Турција...

Македонско гол-шоу имаше викендов во Европа (Видеа)

Барди, Алиоски, Трајковски, Несторовски, Јаховиќ и Мојсов беа прецизни за своите екипи во домашните натпреварувања

објавено: 28 август 2017 - 09:00

Македонските интернационалци низ Европа, беа расположени за погодоци изминатииов викенд. Нашите фудбалери беа главни во своите состави и донесоа радост на навивачите. Енис Барди покажа дека сезонава ќе блеска во тимот на Леванте. Тој го даде дебитантскиот погодок во Примера и тоа во ремито од 2:2 на неговиот Леванте против Ла Коуриња. 

Гостите водеа на овој меч, но Барди со гол од слободен удар од преку 25 метри намали на 1:2, а потоа домаќините се спасија од пораз. Погодокот на Барди е еден од најдобрите во Шпанија викендов, а тој ја доби наградата за најдобар играч на мечот. 

Одличен беше погодокот и на Езџан Алиоски во победата на Лидс од 2:0 на гости кај Нотингем. Алиоски упати вистинска „бомба“ и го потврди триумфот на Лидс, со погодокот во 86 минута. И Алиоски исто како и Барди, беше прогласен за играч на средбата, во англискиот Чешмионшип.

Палермо испадна од Серија А, но двајцата наши интернационалци, Илија Несторовски и Александар Трајковски останаа во клубот и веднаш покажаа дека ќе бидат главни играчи. Двајцата погодија во победата на Палермо во дуелот со Специја. 

Стрелец имавме и во турското првенство. Адис Јаховиќ даде гол, а над него беше направен и пенал, на мечот на кој Гезтепе победи со 3:2 против Трабзонспор. за Гезтепе ова беше прва победа во четвртото коло од елитната турска лига. 

 Дека не беа расположени за голови само офанзивците, покажа и бранителот Даниел Мојсов. Бекот беше прв стрелец за АЕК Ларнака сезонава. Тој погоди за водство на дуелот против Олимпијакос од Никозија и ги најави трите бода за тимот од Ларнака. за АЕК до 67 минута настапи и Иван Тричковски, но потоа беше заменет. 

Шест погодоци во пет различни и силни европски лиги се знак дека македонските интернационалци полека, но сигурно стануваат главни во екипите во кои настапуваат. Се надеваме дека овој успешен голгетерски викенд ќе се задржи во наредните денови, кога Македонија игра два меча од квалификациите за СП 2018 година.

Македонија најпрво гостува во Израел, а потоа ќе ја пречека Албанија во Струмица. 

Најново во Фудбал