Бекот на шампионот знае кој е најдобар

Хамбарѕумјан: Вардар е најдобар

објавено: 27 февруари 2017 - 12:40

Хофханес Хамбарѕумјан е таличен за Вардар и откако игра во „црвено-црниот“ дрес, најтрофејниот клуб освојува титули. И вчера на дербито популарниот Хоф беше во елемент и помогна Вардар да ја надигра Шкендија и да слави со 3:1.

„Сите дадовме максимум да го добиеме и ова дерби. Секој триумф на свој начин е важен, ама ова беше екстремно важна победа за Вардар. Покажавме дека сме најдобри во моментов, но исто така знаеме и свесни сме дека мораме да влегуваме максимално во секој натпревар. Дека не смее во ниту еден момент да има опуштање затоа што до крајот на сезоната има уште многу", вели ерменскиот десен бек.

Хамбарѕумјан верува дека Вардар може да игра и подобро од вчерашното светло издание против вицешампионот.

„Имаме квалитетни играчи, имаме екипа која што знае што сака и која на секој натпервар оди на победа. Добро ги познавам овие момци и знам дека сите заедно можеме да бидеме уште подобри. Среќни сме за победата, и сега нема време за славење затоа што веќе во среда играме уште еден меѓусебен натпревар во рамките од Купот каде што посакуваме уште една нова победа. Секако дека нашата цел покрај освојување на првенството е и трофејот во Купот и затоа треба да се подготвуваме за уште едно дерби кое доаѓа многу брзо. Ги повикувам навивачите да дојдат во среда да не поддржат и да гледаат уште едно дерби во кое се надевам дека на крајот ние повторно ќе бидеме победници", вели Хамбарѕумјан за клупската страница на Вардар.

Најново во [Спортмедиа]