Моќни се и имаат армија јужноамерикански играчи

На Вардар не му се игра аргентинско танго со рускиот Зенит

Вардар ќе бара рецепт за изненадување против Зенит, поранешниот освојувач на УЕФА купот, потоа преименуван во Европа Лига. „Црвено-црните“ утре од 21,05 часот во Скопје ќе играат историски меч против рускиот тим, полн со јужноамерикански ѕвезди

објавено: 13 септември 2017 - 11:18

Вардар ќе бара рецепт за изненадување против Зенит, поранешниот освојувач на УЕФА купот, потоа преименуван во Европа Лига. „Црвено-црните" утре од 21,05 часот во Скопје ќе играат историски меч против рускиот тим, полн со јужноамерикански ѕвезди.

Чедомир Јаневски ќе мора да побара добитен рецепт за аргентинското танго што го креираат дури петмина гаучоси во составот на Зенит. Сите ги донесе Роберто Манчини, легендарниот италијански фудбалер, сега во улога на тренер на Зенит. 

Најскап е Леандро Паредес, кој дојде од Рома за 23 милиони евра, а од Лион, Ривер Плата и Севилја пристигнаа и Мамана, Друиси и Кранавитер. Последен во рускиот строј за оваа сезона од Индепендиенте пристигна Ригони, Аргентинец, кој го одигра првиот меч за Зенит минатиот викенд. 

На шега во Русија велат дека Зенит во последно време игра во формација 4-4-2, со голман и по четири руски и аргентински играчи и уште двајца интернационалци.

Најголем успех на клубот му е освојувањето на УЕФА купот во 2008 година, кога во Манчестер со 2:0 го победија Глазгов Ренџерс. Оттогаш постојано се учесници во европските купови, а со ангажманот на Манчини повторно се обидуваат да направат продор во Европа.

Најново во Фудбал