КОНТРOВЕРЗНА ОДЛУКА НА ГРЦИТЕ ПРЕД МЕЧОТ ВО СОЛУН

ПАОК забрани да има Македонци на дуелот против Шалке, Германците писмено се жалат до УЕФА

Домаќините нема да дозволат на стадионот „Тумба“ во Солун, да има ниту еден Македонец, бидејќи навивачите на бундеслигашот се збратимени со фановите на Вардар. Од навивачката група на Шалке, „Уге“, решија правдата да ја побараат пред европската федерација

објавено: 14 февруари 2017 - 09:00

Македонија нема свој претставник во европските натпреварувања, но сепак е актуелна, пред стартот на дуелите од нокаут фазата во Лигата на Европа. Солунскиот ПАОК го пречекува Шалке 04, а домаќините најмногу се плашат од Македонците. 

Фановите на Шалке се збратимени со навивачите на Вардар, популарните „Комити“. Токму поради ова пријателство, грчкиот тим се плаши од Македонците. Од Германија најавија дека ќе имаат гостински навивачи, но челниците на ПАОК веднаш реагираа и потенцираа, дека не сакаат на стадионот да има ниту еден Македонец. Најавена е и ригорозна контрола на влезот на стадионот и легитимација на секој навивач.

Тоа значи, дека доколку „Комити“ или било кој друг македонски навивач сака да замине во Солун и да го бодри Шалке во дуелот против ПАОК, нема да добие дозвола за влез на стадионот „Тумба“. Оваа одлука на Грците, ги шокираше навивачите на Шалке, па популарната група „Уге“ испрати и писмо со Европската фудбалска федерација (УЕФА). 

„Шокирани сме од одлуката која ја има донесено тимот на ПАОК, а е на национална основа и на нашата лична поврзаност со навивачите на Вардар од Скопје. Во време кога УЕФА промовира спотови со многу интернационални ѕвезди од различни националности и ја промовира кампањата „Респект“ и јавно се спротистави на дискриминација и ксенофобија, нашето барање е сосема легитимно. Сакаме навивачите да не бидат дискриминирани, кога ќе посакаат да гледаат некој фудбалски меч. УЕФА треба на дело да го спроведе тоа за кое прави кампања. Од информациите кои ги добивме од нашиот клуб, УЕФА и челници на ПАОК информираат за оваа одлука“, стои во дел од соопштението на навивачката група „Уге“ на Шалке.

Ова нема да биде прв меч меѓу Шалке и ПАОК. Во 2013 година, македонското знаме со „Ѕвездата од Кутлеш“ беше истакнато на стадионот во Гелзенкирхен. Тогаш настана хаос, откако германската полиција се обиде да го одземе тоа знаме. По повеќе од три години докажување, беше потврдено дека навивачките групи „Уге“ и „Комити“ не провоцирале на тој меч и дека македонското знаме слободно можело да се вее на стадионот, а полицијата неосновано употребила сила.

 

Сега ќе биде интересно да се види дали в четврток на стадионот „Тумба“ ќе успее да влезат македонски навивачи за да го бодрат збратимениот тим на Шалке 04.

 

Најново во Фудбал