ТРОЈЦАТА НОВИ „ЦРВЕНО-ЦРНИ“ ИГРАЧИ СЕ ПОЛНИ СО ОПТИМИЗАМ

„Пелистерците“ во Вардар се дојдени по двојна круна

Кристијан Тошевски, Јован Попзлатанов и Матеј Цветаноски се играчите кои треба да донесат свежина во редовите на најтрофејниот клуб

објавено: 9 јануари 2018 - 09:20

Кристијан Тошевски, Јован Попзлатанов и Матеј Цветаноски се играчите кои треба да донесат свежина во редовите на најтрофејниот фудбалски клуб кај нас. Сите тројца до сега беа дел од тимот на Пелистер и го носеа „зелено-белиот“ дрес на битолскиот тим. 

Сега Тошевски, Попзлатанов и Цветановски се дел од Вардар и секако дека и нивните амбиции се многу поголеми. Сите тројца веруваат дека ќе се вклопат во новата средина, но и дека уште оваа сезона ќе имаат успех и ќе се радуваат на трофеи.

„Задоволен сум од понуденото, и не размислував кога ми стигна понуда да бидам дел од најтрофејниот макеоднски клуб. Вардар не се одбива, станува збор за клубот број еден во Македонија. Сметам дека ќе немам проблеми околу адаптацијата затоа што со голем дел од играчите добро се познавам. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата, и целта е јасна - сезонава двојна круна", рече Тошевски на промоција.

Со ништо помалку оптимистички изјави не беше ниту Попзлатанов. И тој верува дека Вардар може да ги освои двата пехари сезонава.

„Сигурно годи интерес од Вардар, и најдоброто нешто за еден фудбалер е да настапува во овој клуб. Подготвен сум да одговорам на предизвикот и верувам дека брзо ќе се адаптирам во новата средина. Посакувам во втората полусезона да дојдеме до одбрана на титулата, како и до пехарот во Купот", изјави Попзлатанов.

Најмладиот од сите тројца, Цветановски вели дека е чест да се игра за клуб како што е Вардар.

„Супер се чувствувам што станав дел од најдобриот клуб. Не се опишува со зборови чувството еден млад играч да биде дел од Вардар. Знам дека ме чека повеќе работа и повеќе залагање за да се докажам пред стручниот штаб. Ќе дадам се од себе да ја оправдам довербата која ми е укажана и ќе дадам се од себе да помогнам клубот да дојде до двојната круна, и до уште еден успех во Европа", рече 20-годишиот офанзивен играч.

Најново во Фудбал