Крајот на авантурата нека биде победничка

Последна рунда - Вардар мора да го крене гардот

Вардар стаса до последната рунда во првото учество во групна фаза во европските купови и против Розенборг ја има и последната шанса да се прости со бодови

објавено: 7 декември 2017 - 18:00

Вардар стаса до последната рунда во првото учество во групна фаза во европските купови и против Розенборг ја има и последната шанса да се прости со бодови.

Македонскиот шампион досега нанижа пет порази и има најлоша гол-разлика од сите 48 состави што учествуваат во групната фаза во Европа Лигата. Со само 2 дадени и 19 примени голови, Вардар тешко ќе го избегне фенерот за клуб со најголем минус во голови, но може да не биде фенерџија со бодови.

Ако „црвено-црните“ вечерва го победат Розенборг, или одиграат нерешено, тоа барем малку ќе ги врати насмевките во редовите на македонскиот шампион, а историската авантура нема да мине со катастрофален ефект и без бодови.

„Подготвени сме за последната битка и сакаме конечно да ја забележиме првата победа во историскиот циклус за клубот. Верувам дека имаме квалитет да го сториме тоа“, изјави Дарко Велковски.

И Розенборг сака победа, втора во Л групата, што би била и втора против Вардар. Првата ѕвезда кај гостите, Никлас Бентнер верува во победнички крај, иако и Норвежаните како и Вардар немаат шанси за плсамн понатаму.

„Дојдовме во Скопје по бодови. Не можат да ни донесат пласман во следната рунда, но секоја победа во Европа е вредна. Можеме повторно да го победиме Вардар“, вели Бентнер.

Мечот се игра од 21,05 часот на националната арена „Филип Втори“. 

Најново во Фудбал