НАЈГОЛЕМАТА НАВИВАЧКА ГРУПА ВО МАКЕДОНИЈА СЛАВИ ЈУБИЛЕЈ

Приказната за „Комити“ и нивното 30-годишно постоење

Знамето на „Комити“ за прв пат се појави на западната трибина на скопскиот стадион на 4 јуни 1987 година, на дербито против Црвена Звезда. Од тој меч до сега, најверните вардарови навивачи се познати по групата „Комити“. Тие денеска, на мечот против Пелистер ќе прослават 30 години од постоењето

објавено: 19 ноември 2017 - 10:25

Кога ќе се спомне за навивачко движење во Македонија, веднаш првата асоцијација е за „Комити“. Тоа е најголемата и највлијателната навивачка група во земјата, која навива за најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, Вардар. „Комити“ се синоним за навивање во Македонија. Oваа навивачка група, денеска слави јубилеј, а тоа е 30 години од постоењето. 

Вардар е клуб кој годинава слави 70 години од постоењето. Скопскиот клуб секогаш имал свои навивачи, поддршка од трибините, но дури во 1987 година беше формирана официјано групата на најверни навивачи на „црвено-црните“. „Комити“ се појавија на Запад уште во 1985 година, но две години подоцна, на дербито против Црвена Звезда (4 јуни 1987 година), беше поставен транспарентот на кој пишуваше „Комити“.

На „раѓањето“ на Комитите, Вардар ја победи Црвена Звезда со 1:0. Од тој меч, па се до денес, Западната трибина е местото на кое секогаш се најверните навивачи, подготвени да ги бодрат своите миленици. 

Како е одбрано името да биде „Комити“? Едноставно беше решението најверните навивачи на Вардар да го носат името „Комити“. Тоа е во чест на „Комитите“ кои биле формирани за време на Отоманската империја. Тоа биле млади момци кои се бореле за ослободување од Отоманската империја и сакале независна Македонија. Затоа и името на навивачите на Вардар има толку силно значење. 

Како и во секоја голема група, и во „Комити“ постојат подгрупи, но кога ќе се најдат на Запад, сите се едно, а тоа е навивачи на Вардар. Најверните фанови на „црвено-црните“ речиси и да нема место во Македонија и во поранешна Југославија каде што не гостувале. 

Едно од најпознатите гостувања е тоа против Пелистер во Битола во 1993 година. Околу 1.000 навивачи на Вардар заминаа да го бодрат својот миленик во најголемото дерби на Македонија. На тој меч се случи и инцидент, но за среќа немаше посериозни последици. 

Вардар има одиграно и многу интернационални мечеви, а „Комити“ секогаш биле со клубот да го бодрат. Се памтат гостувањата во Бордо, Халмштад, Букурешт, Рим, Гент...

На гостувањето во Гелзенкирхен во дуелот против Шалке, во Интертото купот во 2004 година, „Комитите“ се збратимија со фановите на германскиот бундеслигаш и тоа пријателство трае до денес. Покрај германските навивачи, „Комитите“ се збратимени и со „Војводи“ од Тетово.

Освен со Пелистер, Вардар имал дерби дуели и против Слога Југомагнат, како и мечевите против Силекс. На ваквите дерби дуели секогаш било тензично, а се памтат и неколку поголеми инциденти. 

На 27 април 2002 година, Комити прославија 15 години од постоењето. Тоа се направи на спектакуларен меч, на кои играше „златната генерација“ на Вардар од 1987 година, која исто така прослави 15 години од освојувањето на првата и единствена титула во поранешна Југославија. Легенди како Дарко Панчев, Илија Најдоски, Васил Рингов, Бобан Бабунски, Драган Канатларовски... беа дел од тој натпревар, а на трибините имаше околу 30.000 навивачи. 

Од тој меч поминаа уште 15 години. Вардаровите Комити постојано ги бодреа своите миленици без разлика каде играат. Како „подарок“ за 30 години од постоењето, дојде и историскито прв пласман на Вардар во групната фаза од Лигата на Европа. Резултатите на дуелите против Зенит и Реал Сосиедад не се за фалење, но затоа „Комитите“ беа перфектни со своето навивање. 

Освен на фудбалските мечеви, „Комити“ редовно го бодрат и ракометниот клуб на Вардар, кој е актуелен европски првак и носи многу радости на сите кои ги сакаат „црвено-црните“ бои.

„Комити“ решија 30. роденден да го прослават на дуел со големиот ривал Пелистер. Средбата се игра вечерва од 18 часот. Еве како беше на тогашниот „Градски“ кога гостуваше Пелистер пред повеќе од 20 години. Вечерва очекуваме повторно полн Запад и прослава на ниво. 

Најново во Фудбал