ВЕСНИКОТ „СПОРТ“ ОТКРИВА

Првата лига стартува без Беласица

Македонскиот фудбал не може без проблеми. На само две недели пред закажаниот старт за 5 август, на 27. издание од прволигашкото натпреварување неизвесно е дали повратникот во елитното друштво струмичка Беласица ќе ги исполни бараните услови да заигра меѓу најдобрите

објавено: 23 јули 2018 - 11:46

Македонскиот фудбал не може без проблеми. На само две недели пред закажаниот старт за 5 август, на 27. издание од прволигашкото натпреварување неизвесно е дали повратникот во елитното друштво струмичка Беласица ќе ги исполни бараните услови да заигра меѓу најдобрите. Беласица на теренот ги постигна потребните резултати и го освои првото место во второлигашката група Исток што им дава за право да одат ранг погоре – Прва лига.

Но, за да се биде прволигаш не е потребно само да се биде прв на теренот, треба да се исполнат и административни услови - лиценцен систем. Еден од тие услови за да се биде во Прва лига, клубот мора да е регистриран како Акционерско друштво (АД н.з.). Е токму овој услов струмичани го немаат исполнето, па можно е да не заиграат во прволигашкото друштво.

ДОПОЛНИТЕЛЕН РОК ДА ЈА ЗАВРШАТ АДМИНИСТРАТИВНАТА ПРОЦЕДУРА

Беласица како и сите фудбалски клубови навреме ги почна своите подготовки. Екипата ангажира и нови играчи. Замина на Златибор, но не заврши важна работа – трансформација во АД. Повратникот во елитното друштво по повеќе од една деценија, Беласица последен пат играше во сезоната 2004/05 година во прволигашката конкуренција, го превидел овој административен услов.

Поради тоа од Фудбалската федерација на неколку наврати ја одлагаат ждрепката за натпреварувачките броеви со цел сите прволигаши да бидат комплетни и првенството да стартува без опашки кои подоцна можат да им создаваат големи главоболки. Екипите да се жалат, регуларноста на првенството да биде доведена во прашање.

За да не биде како што сме имале прилика да гледаме во мак-фудбалот Беласица добила дополнителен рок до крајот на овој месец да си ја исполни обврската со трансформацијата во АД. Во спротивно нема да добие лиценца за настап во Прва Лига. Ако тоа струмичани не го сторат повторно ќе треба да се вратат меѓу второлигашите каде ќе предизвикаат нови потреси, бидејќи еден клуб во источната група ќе биде прекуброен.

ФФМ НЕ РЕГИСТРИРА ИГРАЧИ ЗА БЕЛАСИЦА

Преодниот рок е во ек, но Беласица иако има ангажирано неколкумина играчи во своите редови истите не се регистрирани од надлежната комисија во ФФМ. Причината е тоа што професионалните договри кои треба да се објавуваат играчите треба да ги имаат склучено со клуб кој е АД. Беласица не е тоа.

Струмичани не се ниту граѓанско здружение, туку „ДОО" но тоа не е доволно за да се добие дозволата за настап во прволигашката конкуренција. Беласица влегува во трка со времето, за да го спаси изборениот прволигаш статус на теренот.

Најново во Фудбал