ЕП во Париз 1960 среќно за голманот на Вардар

Првиот Македонец на ЕП што освои сребро, а потоа се спаси од заирскиот диктатор поради поразот од 0-9! (ВИДЕО)

На денешен ден, пред 82 години, роден е скопјанецот Благоја Видиниќ (1934-2006), кој со ју-репрезентацијата, во Купот на нациите пред 56 години, стана првиот Македонец (а остана единствениот) што играл на завршница на ЕП. Меѓу бројните интересни приказни од неговиот бурен и плоден живот, најинтересна е онаа за тоа како се спасил од заирскиот диктатор Мобуту Сесе Секо, по поразот на „леопардите“ од Африка од 0-9 на Мундијалот 1974 година во Германија

објавено: 11 јуни 2016 - 10:00

Франција, земјата-домаќин на 15. Европското фудбалско првенство, по многу нешта е значајна за една од легендите на македонскиот фудбал, Благоја Видиниќ – Бане. Таму почина во 72. година од животот - во Стразбур, каде што ги мина последните години од неговото животно патешествие, а токму настапите во Купот на нациите, практично првото ЕП, во Париз 1960, кога го бранеше голот на југословенската репрезентација, му ја исцртаа патеката на успехот во светот на фудбалот и бизнисот.

Најуспешниот македонски фудбалер на сите времиња?

Видиниќ е веројатно најуспешниот македонски фудбалер, ако не и спортист на сите времиња: не само што е првиот олимпиец од Македонија, првиот фудбалски репрезентативец од нашата земја, кога беше дел од Југославија, туку и носител на два медала од најголемата спортска манифестација – олимписките игри. Со „сините" освои злато на ЛОИ 1960 во Рим, Италија, и сребро од ЛОИ 1956, во Мелбурн, Австтралија. Тој е и прв и последен нашинец што играл во финале на ЕП. Видиниќ во составот на Југославија беше повикува 68 пати, од кои 8 пати беше прв голман, а во тие натпревари репрезентацијата не беше поразена во регуларен тек од мечот.

Првиот медал, Видиниќ го освои со младинската репрезентација на Југославија, на Европско првенство во Кан и Ница (повторно Франција!), кога заедно со Предраг Лазаревски го „покорија" Стариот континент. И во финалето на Купот на нациите, во 1960 година, беше блиску до златото, но Слава Метревели од Советскиот сојуз го совлада во 113. минута од продолженијата и СССР ја победи Југославија со 2-1, иако Милан Галиќ го отвори резултатот во првото полувреме. Последниот настап за Југославија, Видиниќ го одигра во 1961 година.

За Вардар одигра 144 натпревари

Место меѓу „сините" Видиниќ избори благодарејќи на одличните одбрани во дресот на Вардар. Повозрасните ги паметат одбраните на корпулентниот голман, кој го чуваше голот на најтрофејниот наш клуб во 50-те години. Во првиот тим на Вардар дебитираше на голот во 1952 година, на мечот со БСК од Белград (денес ОФК Белград, победа од 1-0). На тој меч Вардар настапи во состав: Видиниќ, Арсовски, Новаков, Миланов, Кокиновски, Дацевски, Цинциевски, Велковски, Георгиевски, Јаневски, Кароски.

За Вардар одигра 144 натпревари, од кои 84 првенствени, а потоа замина во Белград, во дресот на Раднички, кој во сезоната 1955/56, во тогашната Прва сојузна лига на Југославија, го освои третото место, зад Партизан и Црвена звезда. Таму играше до 1962 година, а потоа уште две години и за ОФК Београд.

Кариера во САД, селектор на три репрезентации

По големата афирмација на меѓународната сцена и освоените четири медали, Видиниќ кариерата ја продолжи во Швајцарија, во прволигашот Сион. Ги почна и пионерските чекори на овој спорт во земјата на американскиот фудбал, бејзболот и кошаркатаво дресот, во тимот на Лос Анџелес Торос, во 1966 година, подоцна ребрендиран во Сан Диего торос, како и Сент Луис старс. Во САД беше познат како "Барни" Видиниќ, каде што и ја заврши играчката кариера во 1968 година. По фудбалската и тренерската кариера, беше претставник на една од најпознатите фирми за производство на спортска опрема, „Адидас" и еден од инструкторите во Светската фудбалска асоцијација (ФИФА).

Во 70-тите и 80-тите години на изминатиот век се занимаваше и со тренерскиот занает во фудбалот. Беше селектор на три репрезентации – Заир, Мароко и Колумбија. Заир го однесе на Мундијалот во 1974 година во Германија, Мароко - четири години пред тоа, на СП во Мексико, а беше и селектор на репрезентацијата на Колумбија,, која требаше да биде организатор на СП 1986, но поради нестабилната ситуација во државата, првенството беше откажано, па се одржа во Мексико. Тој го однесе Мароко на СП 1970 во Мексико, што беше прв пласман на една африканска земја, по тој на Египет во 1934 година.

Со германскиот селектор Хелмут Шен, на СП 1974

Дел од кампањата на Мобуту Сесе Секо

Африка во 70-ти години на изминатиот век беше мегдан на диктатори кои не бираа средства да дојдат или да останат на власт. Еден од нив беше Мобуту Сесе Секо, познатиот „организатор“ на „Грмотевицата од џунглата“, односнио славниот боксерски меч меѓу Мухамед Али и Џорџ Формен, наречен уште и меч на столетието (30 октомври 1974). Во истата таа година, Видиниќ беше фудбалски селектор на Заир, земја која ќе го забележи најголемиот пораз во историјата на мундијалите - 0-9 токму против Југославија, на СП 1974 во Германија.

Заир (сега ДР Конго), стекна независност од Белгија во 1960 година. Унгарски тренер Ференц Чандаи ги доведе до нивниот прв меѓународен успех со победата на Африканскиот куп на нации во 1968 година. Но, по неуспехот на истото натпреварување две години подоцна (4. место), Видиниќ го презема тимот во 1971 година за да му всади доверба и да го научи на современите фудбалски тактики. Заир се квалификува на Светското првенство во 1974 година со победата над Мароко од 3-0 во Киншаса, во декември 1973 година. Диктаторот Мобуту Сесе Секо, познат по капчето и прекарот "вреќа пари" , вети големи премии на фудбалерите за евентуален успех на СП во Германија. Но, на стартот доживеаја пораз од Шкотска од 0-2, а во наредниот меч, на 18 јуни, и срамни 0-9 против Југославија, која бркаше гол-разлика.

Тоа е најголемиот пораз во историјата на светските првенства. Видиниќ го замени голманот Казади Муамба со Тубиланду Ндимби по третиот гол на Југославија, кој пак прими гол по само неколку секунди откако влезе во игра од слободен удар, што беше почеток на хаосот што следеше. Играчите бараа наводна офсајд позиција, па останаа со 10 фудбалери на теренот по добиениот црвен картон на Ндае. Притисокот од Мобуту преку Министерството за спорт бил огромен, но Видиниќ сепак не бил сменет за време на Мундијалот.

На Мобуту, диктаторот кој фрлаше милиони за својот меѓународен углед, му беше доволно од резилење и им порача на „леопардите“ да не примат повеќе од три гола во последниот меч од групата, против Бразил, или да не се враќаат во Заир, познат по крвопролевање. На скап билборд во оваа африканска земја имало порака, платена од Мобуту, дека нема да има мир за играчите на Заир по срамниот резултат.Тоа предизвика смешни реакции на играчите на Заир во последните мигови од средбата со „кариоките“, кога се случи можеби еден од најсмешните моменти во историјата на светските првенства.

Аферата при изборот на Авеланж за прв човек на ФИФА

Видиниќ, кој го донесе современиот фудбал во Африка, беше ударната игла на „Адидас“ на Црниот Континент. Подоцна западните медиуми шпекулираа дека тој е посредникот во подмитувањето на африканските делегати за Жоао Авеланж да го победи Англичанецот Стенли Раус во борбата за фотелјата на ФИФА.

На 11 јуни 1974 година, два дена пред почетокот на Светското првенство, на Конгресот на ФИФА што се одржа во Франкфурт, беше избран д-р Жоао Авеланж од Бразил како прв неевропски претседател на ФИФА. Поразот на сер Стенли Раус од Авеланж драматично ќе го промени текот на историјата на фудбалот.

Хорст Даслер, сопственикот на „Адидас“, до денот пред изборите во ФИФА бил често во присуство на својот стар сојузник Раус, мислејќи дека неговата победа била неизбежна, но и огорчен што Авеланж претходно одбил да соработува со „Адидас“ во Бразил. Токму Видиниќ бил човекот што го убедил големиот газда од Германија за историски пресврт, односно да го посети Бразилецот во хотелот спроти Конгресот. Даслер го послушал неговиот совет, се сретнал со Авеланж и се вратил со шише шампањ за скојанецот. Видиниќ и Даслер наводно ги убедиле сите африкански федерации да гласаат за Авеланж.

Според англискиот новинар Ендрју Џенингс, познат по истражувањата на аферите во ФИФА и ИОК, Видиниќ имал добра причина да биде толку сигурен во победата на Авеланж врз основа на африканските гласови.

„Видиниќ во Франкфурт во 1974 година плаќаше за гласови во корист на изборот на Жоао Авеланж за претседател на ФИФА", напиша Џенингс.

Партнерството меѓу Даслер и Авеланж, односно меѓу Адидас и ФИФА ќе го промени светскиот фудбал. Фудбалот влезе во нова фаза - како профитабилен бизнис.

Две години пред смртта, во летото 2004, Видиниќ го посети Скопје за да ги види своите стари пријатели. Во таа прилика, од Клубот на спортските ветерани при Сојузот на спортови на град Скопје, како на Великан на Македонскиот олимписки комитет, му беше доделена плакета, а дрес доби и од неговиот клуб Вардар.

                                                                                                                                             Милорад Стојмановски

Најново во Фудбал