ПОКРАЈ ПОРАЗОТ, УШТЕ ЛОШИ ВЕСТИ ЗА ШКЕНДИЈА

Радески тешко се повреди, изнесен на носилки

Според првичните проценки се работи за повреда на левото колено

објавено: 17 јули 2018 - 22:09

Марјан Радески нема по добро да го памти гостувањето во Велс. Офанзивниот играч за врска во игра влезе на полетокот на второто полувреме, а не успеа да го заврши мечот и тоа поради повреда. 

Се играше судиското надополнување кога Радески незгодно се повреди, па мораше да интервенира и лекарска екипа. Играчот на Шкендија беше на носилки изнесен од теренот. 

Според првичните проценки се работи за повреда на левото колено, но не се знае колку е тоа сериозно.

Бидејќи тренерот на Шкендија Ќатип Османи веќе ги имаше направено трите измени, до крајот на средбата Шкендија играше со фудбалер помалку. Тоа го искористија домаќините кои постигнаа гол во 96 минута за 4:0, но за среќа на македонскиот првак тоа не беше кобно, па Шкендија продолжува понатаму. 

Лекарската прогноза ќе покаже дали Радески ќе биде на располагање за следните европски мечеви на „црвено-црните“ од Тетово.

 

Најново во Фудбал