Познати фудбалски фаци за нас

Рекордна шесторка со автоголови, половина од нив играле во Скопје (Видео)

Шестмина фудбалери имаат над 6 автоголови во европскиот фудбал, а интересно е што половина од нив играле во Скопје за своите репрезентации, или клубови. Дури четворица играле против Македонија, а петтиот ни беше капитен и е еден од најдобрите во нашата фудбалска историја

објавено: 31 јануари 2017 - 10:03

Шестмина фудбалери имаат над 6 автоголови во европскиот фудбал, а интересно е што половина од нив играле во Скопје за своите репрезентации, или клубови. Дури четворица играле против Македонија, а петтиот ни беше капитен и е еден од најдобрите во нашата фудбалска историја

Прв на листата со рекордни 10 автоголови во кариерата е репрезентативецот на Република Ирска, Ричард Дан. И тој играше против Македонија, но не во Скопје, туку во Даблин, во март, 2011 година. Само три месеци подоцна им бевме домаќини на Ирците, но Дан не беше во составот, што не победи со 2:0.

Втор на вечната листа во Европа е играчот на Интер, Рикардо Фери со 8 автоголови. Фери нема играно против наш клуб, ниту против репрезентацијата на Македонија, но му беше соиграч на Дарко Панчев од 1992 до 1994 година во Интер.

Третото место е резервирано за англискиот репрезентативец и член на Ливерпул, Џејми Карагер. Тој 7 пати ја тресеше сопствената мрежа, а и тука има „македонска нишка“. Карагер играше за Ливерпул против Работнички на „Енфилд Роуд“ на 5. август, пред 7 години, во меч од квалификациите за пласман во Европа Лигата на УЕФА. Џејми не беше во составот за првиот натпревар во Скопје. Ливерпул на двапати славеше со по 2:0 против скопските „романтичари“.

Зад него со шест автоголови е поранешниот англиски репрезентативец Рио Фердинанд, една од иконите на Манчестер јунајтед. Рио ни беше гостин во Скопје во септември 2006 година, кога Англија во квалификациски меч за пласман на ЕП ја победи Македонија со 1:0.

На делба на четвртата позиција со него е нашиот Николче Новески. Познат како беспрекорен борец, некогашниот капитен на македонската репрезентација знаеше и да си ја затресе својата мрежа. Има 6 автоголови во кариерата, најмногу во дресот на Мајнц. Негов е рекордот во оваа категорија во Бундеслигата.

Ист ефект има и Мартин Шкртел, познатиот словачки ас и поранешен играч на Ливерпул, моментно член на Фенербахче. Стоперот на словачката репрезентација има најмногу играно во Скопје, од рекордната шесторка со исклучок на Новески. Шкртел беше капитен на Словачка на квалификацискиот меч во Скопје пред 3 години, кога гостите славеа со 2:0. Играше во истиот циклус, но следната година во Жилина, и повторно славеше како капитен на Словаците со 2:1. Претходно, повторно во квалификациски натпревар во Братислава во септември 2010 година, стоперот беше стартер против нас и пак Словаците победија, со 1:0. Шкртел играше на двапати и против Работнички, што го прави рекордер во оваа конкуренција со настапи против нашата репрезентација и клубови.

 

Најново во Фудбал