Можеби е време божицата Талија да биде со нас

Ах тие последни минути - Ангеловски: Македонија сега има поинаков лик

Македонија загуби доста бодови во последните минути на натпреварите во квалификацискиот циклус за пласман во Русија 2018 година, а можеби е време божицата Талија да биде на нашата страна токму во Хаифа, утре против Израел

објавено: 1 септември 2017 - 08:00

Македонија загуби доста бодови во последните минути на натпреварите во квалификацискиот циклус за пласман во Русија 2018 година, а можеби е време божицата Талија да биде на нашата страна токму во Хаифа, утре против Израел.

Токму тие последни 10-15 минути не чинеа најмалку 3, а веројатно и повеќе бодови.

Најпрво во чудесното продолжение од дуелот со Албанија во Скадар, во последните моменти од мечот што се доигра вториот ден поради невремето, примивме гол, па бевме поразени со 1:2. Потоа и со Израел утнавме пенал во Скопје за реми, 2:2 и пак резултатот беше 1:2, а Италија за петнаесеттина минути во финишот на мечот на „Филип Втори“ арената ни направи пресврт и со два гола не победи со 3:2.

Изгубени се доста бодови, а токму на тоа го потсетија домашните новинари, овде во Хаифа, нашиот селектор Игор Ангеловски.

„Можеби токму сега ќе успееме да победиме во последните 10 минути. Македонија има нов фудбалски лик, па иако Израел е искусна селекција и фаворит, ќе се надигруваме со цел да постигнеме добар резултат. Имаме и искуство, ни се приклучија и младите фудбалери, што ни дава надеж дека можеме да се надигруваме со квалитетна селекција од калибарот на Израел“, е одговорот на Ангеловски.

Македонија во последните 4 меча од Г групата влегува со само 3 бода, како претпоследна, што не е реален приказ на случувањата, но добрите игри не се калкулираат, туку важат само бодовите. Израел и Албанија се нашите следни ривали и тие имаат по 9 бодови, но во фудбалот се е можно, па и Македонија со победи утре во Хаифа против Израел и на петти септември со Албанија во Струмица да се вмеша во битката за третото место во групата.

„Шпанија и Италија се неприкосновени во нашата група. Знаме со каков квалитет располагаат и како рејтинг имаат. Ние веруваме дека  се уште имаме шанси за напредок во Г групата“ додаде Ангеловски.

На ред е седмото коло, а во игра се уште 12 бодови, што нуди можност со две победи во следните две рунди да се вклучиме во битка за позиција веднаш зад Шпанија и Италија, кои имаат по 16 бода.

 

Најново во Фудбал