СЕ ЗГОЛЕМУВА ЛИСТАТА

Андора, Лихтенштајн, Малта, Луксембург, Либан... Кој е следен што ќе нѐ посрамоти?

Не ни беа доволни срамовите со Андора, Луксембург, Лихтенштајн, Малта, па требаше денеска и Либан да ни покаже дека во моментов сме на дното, заслужено на местото на ФИФА-листата (139-то), по триумфот попладнево на „Филип Втори".

објавено: 17 ноември 2015 - 16:16

Шест срамни мечеви во последните деценија ипол доживеа Македонија во пријателски и квалификациски мечеви со „аматерски селекции“, селекции со пласман над 140-то место на ранг-листата и тоа по двапати од Луксембург и од Андора.

Либан, инаку 140-ти на ФИФА-листата денеска се запиша како последна селекција која нѐ посрамотила, но и ни го постави прашањето – кој е следен што ќе нѐ понижи во иднина?

Сѐ почна од Вадуц на 8 септември 2002 година, кога Лихтенштајн успеа да земе бод во пресметката со Македонија (1-1) во квалификациите за Евро 2004. Предводени од Никола Илиевски – Џиџи, А-тимот го доживеа првиот срам, шест години откако Македонија ја забележа историската победа со 11-1.

На следниот срам не се чекаше долго, дојде две години подоцна во Ла Валета во Андора. На 13 октомври 2004, „фри-шоп“ земјата нѐ победи со 1-0, а пет месеци подоцна, на 9 февруари 2005 во Скопје успеа да си освои уште бод. Двапати селектор беше Драги Канатларовски во циклусот за СП 2006.

Пет години по бламажите со Андора, Мирсад Јонуз како селектор се посрамоти во Малта. На 11 август 2010, еден месец пред стартот на квалификациите а Евро 2012, Малтежаните извадија 1-1.

Следеше првиот од двата срама со Луксембург, прво со Џон Тошак на кормилото (29 февруари 2012), кога Луксембуржаните во пријателска со пресврт нѐ победија со 2-1, а три години подоцна Љубинко Друловиќ доживеа шок на последниот евроквалификациски циклус, со поразот со 0-1 (5 септември 2015).

И кога сите помислија дека по Црна Гора и триумфот со 4-1, Македонија сврте нов лист, ни се случи Либан, кој денеска не победи на вториот меч на Игор Ангеловски на клупата (0-1).

Кој е нареден? Сент Китс и Невис, Бангладеш, Свазиленд, Јужен Судан, Мијанмар...?

Најново во Фудбал