ФУДБАЛЕРОТ НА УКРАИНСКИОТ КЛУБ МАРИУПОЛ

Бесир Демири одлучил да игра за Албанија

Досега ги бранеше боите на најдобрата македонска репрезентација, сега одлучил да го носи дресот на албанската селекција

објавено: 11 август 2018 - 12:28

Станува збор за искусниот одбранбен играч Бесир Демири, кој моментно на клупски план настапува во Украина за тимот на Мариупол.

Ваквата информација во интервјуто ексклузивно за весникот „Лајм" ја потврдил самиот играч:

„Да, вчера (петок) бев во Тирана, каде што добив албански пасош, што значи дека одлучив да играм за Албанија. Ова се случи по инсистирањето на селекторот Кристијан Панучи и лидерите на Федерацијата кои изразија интерес за мене. Ја одбрав Албанија затоа што сум Албанец. Никој не ме контактираше од Македонија", рече Демири, кој два дена престојува во Скопје по што ќе им се врати на клупските обврски в недела во Украина.

Демири беше дел од У21 репрезентацијата на Македонија на Европското првенство во Полска, а во периодот од 2014-2017 редовно беше поканет меѓу надежите до У21. Има 20 одиграни натпревари и уште два пријателски за првиот национален тим.

Тој не е првиот албански фудбалер од Македонија кој одлучил да ја избере Албанија, тоа претходно го направиле уште Насер Алији и Таулант Сефери.

Демири воедно ги бранеше боите на Вардар и Шкендија, со кого освои титули и играше во групната фаза на Лига Европа.

Најново во Фудбал