ВО ПРЕСРЕТ НА ДУЕЛОТ В ПОНЕДЕЛНИК ПРОТИВ ГИБРАЛТАР

Бркаме прво место, Лига „Ц“, бараж и привилегија пред ждрепката за ЕУРО 2020!

Евентуалното прво место во групата 4 од Лигата „Д" и евентуалното прво место севкупно во Лигата „Д" би ни донело многу бенефити.

објавено: 18 ноември 2018 - 11:44

Македонската најдобра репрезентација в понеделник на Националната Арена „Филип Втори" - Скопје ќе го игра последниот шести натпревар против Гибралтар (20:45 ч.)

И бод ќе им биде доволен на избраниците на селекторот Игор Ангеловски да го обезбедат првото место во групата 4 и се обезбеди учество во повисок ранг, односно Лигата „Ц".

Но, сигурно нашите најдобри фудбалери ќе одат на победа, тоа евентуално прво место би ни донело и учество во плеј-офот за настап на ЕУРО 2020.

Во таа мини-табела моментно води Грузија со 13 бодови, пред Македонија (12), а по 11 имаат Белорусија. Засега Грузијците се сигурни во плеј-офот, а уште три репрезентации одржуваат шанси за завршните борби за пласман на континенталниот собир, по девет бодови имаат Луксембург, Ерменија и Азербејџан. Ако сакаме да бидеме први, тогаш треба да победиме против Гибралтар, а Грузија не триумфира дома против Казахстан.

Баражот ќе се игра во март 2020 година, а конкуренти ќе ни бидат три најдобро-пласирани репрезентации од останатите три групи кои нема да изборат пласман на ЕУРО преку стандардните квалификации.

Се претпоставува дека тоа ќе бидат останатите победници на групите. Бидејќи баражот нема да биде дома-гости, туку полуфинале и финале, домаќини на двете полуфиналиња ќе бидат двете репрезентации кои имаат остварено најдобар пласман во Лигата на Нации. Токму затоа на Македонија ѝ се потребни што повеќе бодови, но и голови! Бидејќи на крајот и гол-разликата може да биде решавачка. Лигата „Д" ќе има само едно место на ЕУРО 2020.

Исто така, како што е веќе познато на 2. декември 2018 год. во 12:00 часот во Даблин (Р. Ирска) ќе се одржи ждрепката (55 репрезентации) за извлекување на 10-те квалификациски групи за пласман на ЕП 2020. Пет групи (од А до Е) ќе имаат пет репрезентации, а пет (од Ф до Ј) ќе има шест репрезентации.

Доколку бидеме најуспешниот тим во Лигата „Д" ќе бидеме сместени во четвртиот шешир заедно со Словенија, Естонија, Литванија, Црна Гора, Албанија и Кипар. Ако не успееме во целта, тогаш ќе бидеме во петтиот шешир со сите второпласирани и три најдобро третопласирани репрезентации. Петти шешир: Луксембург, Молдавија, Азербејџан, Ерменија...)

Најново во Фудбал