ДЕЛ ОД МОМЦИТЕ КОИ ИГРАА НА ЕП ЗА МЛАДИНЦИ ВО ПОЛСКА 2017

„Хероите“ го преземаат приматот и во „А“ селекцијата

И дефинитивно „костурот" на нашата најдобра репрезентација не може да се замисли без Енис Барди, Елиф Елмас, Бобан Николов, Висар Муслиу и уште неколкумина.

објавено: 20 ноември 2018 - 16:55

Тие се само дел од „бранот" на млади ѕвезди на мак фудбалот кои без нив не се може да се замисли стартниот состав на нашата најдобра репрезентација. Тие се тие „херои" колку за потсетување.

МРМЕ ТОА ШТО ГО ВЕТИ И ГО ИСПОЛНИ

Кога во ноември 2015 година дојде на местото селектор на Македонија, Игор Ангеловски вети дека ќе го подмлади тимот и дека има намера во блиска иднина „костурот" да го сочинуваат оние момци кои се родени генерациски од 1994 па се до 1999 како Елмас. Тоа беа тие момци кои нешто подоцна под водство на Благоја Милевски го остварија тој историски резултат, пласман на ЕП.

Значи она што Мрме го вети и го исполни. Ако не беа квалификациите за тоа ЕП и самиот настап, секако дека тој и претходно ќе сметаше на нив, вака дочека да ги завршат своите обврски кај Милевски а потоа почна да им дава шанса во „А" селекцијата, и тоа голема шанса.

ГО ПРЕНЕСОА ПОБЕДНИЧКИОТ ДУХ

А тие му возвратија со одлични игри, со победи. Момците и дефинитивно во најдобриот тим на Македонија го донесоа или пренесоа својот победнички дух. И тоа во многу помогна да се дојде до ова ниво каде што сега е нашата најдобра фудбалска репрезентација. Откако виде дека работите течат во добра насока, Мрме продожи да ги повикува, тој смета, со мали промени, дури на 12-13 од нив, но десет секогаш се на неговиот список од 25 играчи со кои во последно време ги игра натпреварите на нашата репрезентација. Барди дава голови, Елмас секогаш е тука кога е најтешко, Николов е „златното" момче на репрезентацијата, Муслиу е најдобриот стопер и секогаш прва опција. Секоја чест за сите...

ИМААТ ГОЛЕМА ПОЧИТ КОН ПАНДЕВ...

Многу важно е тоа што сите тие имаат само пофални зборови за капитенот Горан Пандев. Имаат голема почит кон него а тој пак кон нив се однесува како родител или постар брат. „Хероите" ги ценат и Трајковски, Несторовски, Адеми, Хасани, Алиоски, Димитриевски, Спировски, секако Ристовски и останатите кои се некоја година постари од нив. Само така, само на тој начин може да се дојде до едно одредено ниво на успеси со репрезентацијата. Тоа го знае и Игор Ангеловски и од неговите потези со (не)повикување на некои играчи кажува дека ни под разно не смее да се наруши добрата атмосфера.

ТРАНСФЕРИ ВО ФЕНЕР, ЛЕВАНТЕ, МОЛ ВИДИ...

Од оние кои што сега играат во репрезентацијата само четворица се од нашата Прва лига. Алексовски е во Шкупи, а Бејтулаи, Радески и Муслиу играат за Шкендија. Од Вардар нема никој, но тоа со Вардар е посебна приказна. Инаку дел од тие момци направија трансфери во познати европски клубови. Ете Енис Барди блеска во Леванте во Ла Лига, Бобан Николов е незаменлив во МОЛ Види, клуб кој е актуелен шампион на Унгарија. Да не говориме за трансферот на Елиф Елмас од Работнички во Фенербахче. „Дијамантот" сега е трансферна цел на еден Манчестер Сити. Дарко Велковски пак од Вардар, беше баран и од Динамо Загреб, се пресели во Ријека, во еден од најголемите клубови на овие балкански простори.

РАДЕСКИ И ВЕЛКОВСКИ СО ПОВРЕДИ

Секако дека кога станува збор за фудбалот, некогаш има и проблеми и проблемчиња, како повредите на пример. Па така веќе подолго време, повеќе од шест месеци, Марјан Радески и Дарко Велковски се надвор од репрезентацијата, тие се надвор од фудбалот. Првиот заздравува од операцијата на лигаментите а вториот пак мака мачи со задната ложа. Самиот Ангеловски не крие дека и двајцата силно недостигаат и ако беа здрави повеќе од сигурно ќе беа и стартери во „А" селекцијата.

„Десетката" која секогаш Мрме ја повикува

ИГОР АЛЕКСОВСКИ (Шкупи)
ЃОКО ЗАЈКОВ (Шарлероа - Белгија)
ЕНИС БАРДИ (Леванте - Шпанија)
БОБАН НИКОЛОВ (МОЛ Види - Унгарија)
МАРЈАН РАДЕСКИ (Шкендија)
ДАРКО ВЕЛКОВСКИ (Ријека - Хрватска)
ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (Шкендија)
ДАМЈАН ШИШКОВСКИ (Лахти - Финска)
ЕЛИФ ЕЛМАС (Фенербахче - Турција)
ВИСАР МУСЛИУ (Шкендија)

Бабунски во втората јапонска лига

Давид Бабунски, некогаш еден од „бисерите" на мак - фудбалот, екс членот на младинската школа на Барселона, сега игра за тимот на Омија, тим во Втората лига на Јапонија. Очигледно е дека неговата кариера не оди баш во посакуван правец. А тој од сите тие „херои" можеби беше и најталентиран.

Ѓоргев се уште се „бара"

Никола Ѓоргев, исто така некогаш големиот талент на мак - фудбалот како се уште да се „бара". Пред извесно време тој беше повикуван од Ангеловски, но него веќе извесно време го нема на списокот. Ако успее да се „врати", тогаш секако дека и Мрме ќе реагира.

Маркоски, Аврамовски и Ангелов под „скенер"

Кире Маркоски, Даниел Аврамовски и Виктор Ангелов, секако дека се под „скенерот" на Ангеловски. Тие играат во АЕЛ Лимасол (Маркоски), во Олимпија (Аврамовски) и Шкупи (Ангелов), и ако успеат да го подигнат нивото на својот квалитет, секако дека ќе добијат нова шанса од селекторот. Маркоски на последниот пријателски натпревар во дресот на АЕЛ Лимасол реализираше еден гол и асистенција.

Најново во Фудбал