НОВОГОДИШНО ИНТЕРВЈУ СО БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ

И во Полска ќе нè води магијата на Боби

Селекторот Благоја Милевски на чудесен начин компонираше совршен спој на одлични фудбалери и прекрасни луѓе и сосема заслужено, со младата репрезентација за играчи до 21 година, испиша историја и за првпат ќе предводи наша фудбалска експедиција на Европско првенство

објавено: 2 јануари 2017 - 12:30

Зоран Поповски

Благоја Милевски е првиот селектор на македонска фудбалска селекција, што обезбеди настап на големо натпреварување. На Европското првенство во Полска за играчи до 21 година, Македонија ќе биде дел од кремот, во битка за титулата со уште 11 репрезентации.

Во јуни, популарниот Боби и во Полска ќе нè води, до нови успеси. Историјата си ја доби првата светла фудбалска страница, а сонуваме за ново чудо. Македонија е хит, тоа го потенцираа сите и при извлекувањето на трите групи за завршниот турнир, на кој нè очекува пеколно тежок распоред. Велесилата Шпанија во дебито на 17. јуни, три дена подоцна и секогаш моќната во младинска конкуренција Србија и на крај од фазата по групи, на 23. јуни, европскиот вицешампион Португалија.

ТАНЦ СО ВОЛЦИТЕ, ШПАНИЈА, СРБИЈА, ПОРТУГАЛИЈА....

МИЛЕВСКИ: Повторно имаме тешка група, јас би рекол најатрактивна, бидејќи сите селекции што ќе играат во Б групата се суперквалитетни. Шпанија со 4 титули е втора најтрофејна нација во младинска категорија, Србите ќе играат со генерацијата што е светски првак за играчи до 20 години, а Португалија е актуелен европски првак. И, сите имаат играчи што стандардно настапуваат во силни првенства, дел од нив и во Лигата на шампионите. Но, ние веќе елиминиравме една таква репрезентација, Франција. Триколорите според мене имаат состав да бидат и европски и светски прваци, така да секого ќе респектираме, но од никого не стравуваме. Веројатно најтешко ќе нѝ биде на дебито против Шпанија. Секогаш најважен е првиот меч. Овие момци знаат како да се носат со притисокот и тоа го покажаа низ целиот квалификациски циклус. Ниту мене, ниту нив ги плаши било кој противник. Знаеме дека не сме фаворит, во таква позиција бевме и во квалификациите, па сепак први минавме низ целта. И сега само можеме многу да добиеме. Ќе се судриме со секого, па ќе видиме до каде ќе стасаме.

ТАНЦ НА ДОЖДОТ....

МИЛЕВСКИ: Чудна беше целата наша приказна во квалификациите, сите натпревари на Македонија. Со голема доза на неизвесност, битка до последен здив, но на крајот успеавме. Понекогаш си велев,`Мора ли сега да врне, да се игра 7 минути продолжение, да нѝ исклучат играч, да судат пенал против нас`... Но издржавме се и овие момци апсолутно заслужено се изборија за настап на шампионатот во Полска. Во Украина, на гостувањето во Киев, на дваесетина минути пред почетокот на мечот имаше невреме какво што не сум видел во животот. Се споија небо и земја, па сите тактички варијанти и подготовки паднаа во вода. Мислев дека мечот ќе се откаже. Моравме набрзина да смислиме добитна комбинација, да се прилагодиме и за среќа победивме. Дождот нѝ беше противник и против Северна Ирска во Скопје. Тој меч беше најтежок за играње, бидејќи бевме исцрпени и физички и психички по тешкиот меч во Единбург, каде ги победивме Шкотите со 1:0.

Кога го видов времето си помислив, 'Е уште ова нѝ фалеше'. Типично островско невреме со дожд, а ние мора да победиме. Тука, уште еднаш, овие момчиња покажаа непоколеблив карактер, победнички дух и цврста намера да испишат историја. Триумфот под императив, да се биде или не, против Ирците, во тешки услови за игра, ги симна сите дилеми дали можеме да го финишираме чудото и за првпат да се пласираме на големо натпреварување.

ЕДЕН ПОРАЗ И МАГИЈА СЕ СТОРИ...

МИЛЕВСКИ: Да, загубивме од Исланд на стартот, но јас бев уште повеќе убеден дека можеме да бидеме конкурентни во тешката трета квалификациска група. Во првото полувреме нашиот голман Шишковски едвај еднаш ја допре топката. Иако бевме аутсајдери, ние ја имавме иницијативата и шансите во првото полувреме. Нѝ се случи да примиме три гола набрзина, но тоа не ме поколеба ниту мене, а уште помалку играчите. Ја задржавме вербата и бевме сигурни дека можеме да играме рамноправно со сите селекции во нашата група.Тоа беше примарната цел со која влеговме во квалификациите, а ги завршивме со историски успех. По триумфот против Украина, во Киев, веќе знаев дека имаме реални шанси да се пласираме на ЕП. Нѝ останаа уште двомечот со Шкотска и еден меч со Северна Ирска, бевме на првото место и оттука веќе беше нормално да се надеваме на пат во Полска. Со серија од 9 меча без пораз реално го заслуживме настапот на ЕП.

ПЕТЛИТЕ ВО ФРАНЦИЈА...

МИЛЕВСКИ: Франција според сите прогнози беше апсолутен фаворит за пласман во завршницата. Имаат страшен индивидуален квалитет. На првиот меч во Скопје ги испуштивме од раце. Водевме со 2:0, но се извадија со реми. За вториот дуел со нив, стасавме два дена порано во Ле Ман, за да се прилагодиме подобро. Се беше во ред, иако имаше ситна опструкција од домаќините, за теренот за тренинг. Условите беа катастрофални, помошниот терен беше како ливада. Уште да имаше петли на него. Да гостуваа Англија и Германија сигурно ќе имаа поинакви услови. Но, тоа на моите играчи делуваше мотивирачки. Сакаа да покажат дека се квалитетни и дека никој не смее да ги потцени. И, мислам дека и на тој меч и во целиот квалификациски циклус покажаа цврст карактер, невидена желба за успех и неверојатен тимски дух што нè одведе до целта.
Пријатно ме изненади респектот од нивниот селектор Манковски. Имаше жустра расправија со новинарите, а неговиот одговор беше 'Знаете ли со кого игравме. Со Македонија. Водеа против нас со 2:0 во Скопје и ги победија Украина и Северна Ирска'.

Искрено воопшто немаше да жалам ако Франција се пласираше на Европското првенство. Имаат квалитет за европска и светска титула, а за среќа ние успеавме да ги претркаме во битката за првото место во нашата група.

ФИНАЛНАТА ПРЕСМЕТКА СО ШКОТСКА...

МИЛЕВСКИ: Имаше од се по нешто на последниот меч. И наплив на емоции и феноменална атмосфера и неизвесност до последните моменти. Кога видов полн стадион си реков 'Ова нема да го прокоцкаме'. Строго беше забрането не само за играчите, туку и за членовите на стручниот штаб, да прашуваат за резултатот од Рејкјавик. Публиката нè водеше, а по еден час игра веќе немаше игра. Сите ги очекуваа реакциите од трибините, па претпоставувавме што се случува на мечот меѓу Исланд и Украина. Им сугерирав на момците да играат и да не мислат на ништо друго. Ми беше тешко да ги мотивирам, да го задржат фокусот на нашиот меч. За среќа Украина го победи Исланд со 4:2 и нѝ помогна да ја оствариме големата цел. Јас верувам многу во фудбалската филозофија, дека квалитетот не може да се победи. А, Украина е мошне квалитетна селекција и според мене се подобри од Исланѓаните. Направија смена на генерации и на селекторот, во од, во квалификациите, но очекувам во следниот циклус да бидат опасен ривал за сите. Им се заблагодаривме за чесниот однос, за победата која нѝ помогна да се пласираме на завршниот турнир.

ФЕНОМЕНИ И ХЕРОИ...

МИЛЕВСКИ: Овие момци не се само херои, тие се феномени. Дел од нив воопшто и не играа стандардно за своите клубови, а успеаја сите заедно да направат чудесен подвиг. Тоа е до нивниот карактер. Силен, непоколеблив, цврст. Не можеше ништо да ги скрши во намерата да играат на Европско првенство.
Успехот се должи на склопот на карактери што беше селектиран. Тие се одлични луѓе, не само добри фудбалери. Можеш да имаш врвни играчи, ако нема добра атмосфера нема успех. Џабе е квалитетот без добрите човечки особини. Оваа генерација го има и едното и другото и затоа заслужено ќе биде дел од европскиот крем, во јуни, во Полска. Веројатно сите мислеа дека ќе биде лесно, со репрезентација која доаѓа од петтиот шешир и има најслаб рејтинг во групата, но ние докажавме дека со квалитет и напорна работа можни се и вакви успеси. Македонија е прва селекција во младинските категории што ќе игра на Европско првенство, а ги почнала квалификациите од последниот шешир при ждрепката. Затоа велам дека оваа генерација е феномен.

МАКЕДОНИЈА Е СУПЕР ХИТ...

МИЛЕВСКИ: Тоа го потенцираа сите што беа на извлекувањето на групите во Краков. Првичните впечатоци се одлични. Нè респектираа еднакво како и сите останати селекции. Задоволни се со успешната фудбалска приказна која ја режираше Македонија. Го истакнаа тоа и на почетокот на церемонијата кога нè поздравија, како единствен дебитант што ќе учествува на Европското првенство. Во неформалните разговори на церемонијата во Краков велеа 'Вие сте освежување во европскиот фудбал и добро е што ќе играте на завршниот турнир`. Навикнати се на големите репрезентации, па сега за промена, убаво се погоди што селекција од мала земја како нашата ќе игра во Полска. Веројатно сме и добар пример за помалите земји, да се надеваат на успех и на пласман на големите натпреварувања.

ОПТИМАЛНИ 16...

МИЛЕВСКИ: Добро е што се прошири форматот на завршниот турнир и за првпат, наместо 8 ќе играат 12 репрезентации. Ние секако ќе игравме во Полска и по стариот систем, бидејќи бевме победници во квалификациската група. Според мене оптимален турнир за титулата европски првак би бил со 16 репрезентации. Замислете да бевме второпласирани, со ист број бодови со Исланд и воопшто да не играме ниту бараж. Можеше да се случи и двете селекции да имаме по 21 бод, да бидеме втори поради полош меѓусебен скор со нив и да не сме во квартетот најдобри второпласирани селекции. Тоа ќе беше апсолутно неправедно. И во останатите групи имаше доста квалитетни репрезентации, кои не успеаја да се пробијат меѓу 12 најдобри. Затоа најдобро е да има завршен турнир со 16 селекции.

ТАЛЕНТИ СО ЅВЕЗДЕН СЈАЈ...

МИЛЕВСКИ: Европското првенство во Полска ќе биде исклучително силно и неизвесно. Старосната граница кај младите фудбалери е многу поместена. Се повеќе младинци добиваат шанса да играат стандардно во големите клубови. Рашфорд, Силва, Жота, Делофеу, Нигез, Милик, Зјелински, Шик и уште многу како нив, што ќе настапат на ЕП, веќе се ѕвезди од висок калибар.
Ние имаме поинаква структура во репрезентацијата. Кај нас тимот е главната ѕвезда, иако за мене сите момци што играа за Македонија се ѕвезди. Блескаа на сите натпревари и покажаа дека со колективен дух може да се победи индивидуалниот квалитет. И заслужуваат да играат на првенство, кое ќе биде голем саем на таленти, но и на веќе докажани играчи. Мерило е само теренот и што ќе покажете на него. Македонските репрезентативци со односот и со игрите на терен го свртеа вниманието кон себе. Покажаа дека вредат многу, а очекувам во Полска да потврдат дека вредат уште повеќе. Сигурен сум дека повторно ќе презентираме чесен однос кон националниот дрес, дека ќе дадеме максимум на терен и дека ќе играме добар фудбал. Сите репрезентации си имаат одреден квалитет и верувам дека сите имаат шанси за титулата. Тоа на претходниот турнир го покажа Шведска со освојување на пехарот. Јас сум селектор на Македонија, верувам во овие момци и не би го менувал тоа за ништо.

ЧУДО ПРИРЕДИВМЕ, ЧУДЕСНИ РАБОТИ УШТЕ НЍ СЕ СЛУЧУВААТ

УЕФА пред ждрепката ја погоди нашата група на интересен начин, без никаква намера. Во разгледување на камповите каде ќе бидат сместени 12. репрезентации, заедно беа испратени делегациите на Македонија и Србија и Шпанија и Португалија. Токму тоа е составот на Б групата, чии домаќини ќе бидат Гдиња и Бидгошч. На чудото што го приредивме во квалификациите нѝ се случи ново чудо, сосема случајно во режија на УЕФА. Трето чудо ќе сонуваме во Полска, во јуни, со евентуален пласман во полуфиналето и финалето во Тихи и во Краков. Со вакви момци и селектор ништо веќе не би било чудно.

Најново во Фудбал