Подвиг за место во елитата

Историски исчекор - Сефте квалификации со максимален ефект

Македонија има екстраталентирани млади играчи на возраст до 19 години, а со денешната победа од 6:0 против Лихтенштајн се првата наша фудбалска генерација што завршила еден квалификациски циклус со максимален ефект

објавено: 14 ноември 2017 - 17:00

Македонија има екстраталентирани млади играчи на возраст до 19 години, а со денешната победа од 6:0 против Лихтенштајн се првата наша фудбалска генерација што завршила еден квалификациски циклус со максимален ефект.

И тоа го сторија во исклучително тешка група со реномирани селекции од калибарот на Белгија и на Швајцарија, кои постојано имаат одлични играчи во оваа возрасна категорија. Овие две селекции ги победивме со идентичен резултат од 2:1, а потоа за печат на пласманот во Елитната рунда го декласиравме Лихтенштајн со 6:0.

Селекторот Вујадин Станојковиќ има на располагање суперталенти како Елиф Елмас, Дарко Чурлинов, Димитар Митровски, Јани Атанасов, Миле Тодоров, Марко Феруковски и уште дузина млади играчи што ветуваат. 

Сега не чека екстремно тешка задача во Елитната рунда составена од најдобрите 28 европски селекции. На шести декември е ждрепката на седумтте групи со по 4 селекции од кои само победниците ќе играат на ЕП со домаќинот Финска од 16. до 29. јули идната година.

Најново во Фудбал