ОЧАЈНО ИЗДАНИЕ НА НАШАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ВО ЕРЕВАН

КАТАСТРОФА: Мрме и момците „ТРЕСНАА“ на земја...

Да, имаше два пенали за нас кои судијата не ги виде. Не, но нема никакво оправдување за ова издание на селекцијата која до денеска до 18 часот ја дигнавме во „облаци". А таа, таа добро „тресна" долу...

објавено: 16 октомври 2018 - 22:26

Пишува: Зоран Ѓоршоски

И повеќе од горчлив јубилеј за нашиот селектор Игор Ангеловски кој по 25 пат ја водеше репрезентацијата на Македонија. Никогаш, ама баш никогаш неговите избраници не одиграле така слабо под негово водство како вечерва во Ереван, во меч кој Ерменија не „столчи" со 4:0.

Да, имаше два пенали за нас кои судијата не ги виде. Не, но нема никакво оправдување за ова издание на селекцијата која до денеска до 18 часот ја дигнавме во „облаци". А таа, таа добро и силно „тресна" на земја.
Се разбира дека сите имаат право на лош ден, но она што го видовме во Ереван и не беше баш дека е лош ден. Уште од првите миути на средбата се виде дека работите нема да одат како што треба.

Дел од репрезентативците не ни „влегоа" на терен, ги немаше никаде, веројатно останаа со мислите во соблекувалната. И дефинитивно се виде дека најмалку двајца од нашата одбрана си имаат проблеми. Тоа беше најавено уште при „киксот" со Лихтенштајн.

Но ова вечерва беше вистински потоп. Се разбира дека кога победуваат треба да ги фалиш, кога губат треба да ги критикуваш, посебно кога на овој начин губат. Добро е што и покрај поразот се уште имаме предност пред Ерменија, но и ако бидеме први во групата, а вака играме како вечерва, тогаш лошо ни се пишува во полуфиналето во Лигата на Нации.

Се чини дека сите ние, па и селекторот имаат повисоко мислење од она што навистина го имаме. Премногу очекуваме само од Пандев нешто да стори, да направи шанса, да даде гол, а сите други да му асистираат. Е па не оди тоа така. Ќе мора на наредните мечеви сите да ја преземат одговорноста, па и селекторот. Не може да очекуваме чуда од репрезентативците кои веќе два месеци се надвор од натпреварувачка форма во своите клубови, или пак не играат.

Посебно тука мислиме на голманот Димитриевски. Сега некој ќе каже, чекавте негови „киксови" за да ја отворите голманската тема. Некои веќе и ја отворија уште на полувремето. Но, така е. На секого може да му се случи една грешка, но две, три, е тоа е веќе прашање на формата. И не е само голманот во прашање. Реално многу, многу повеќе се очекуваше од Адеми, Барди, Алиоски, од сите, ајде да не ги набројуваме.

Секако дека рано е за детални анализи, сите ние што пишуваме коментари тоа сега го правиме со „жешки" глави, знаеме дека во нешто ќе погрешиме, но секако дека мора да има критика, остра, жестока, упатена до сите во нашиот репрезентативен табор.

Сега е време на анализи, време да се покажат со прст грешките со цел истите да не се повторат. А тие и не се баш така малку. Факт е дека ние бевме силни на минатите мечеви, но кога дојде она вистинското... е тука...

И на крај можеме сите на Гибралтар да му кажеме едно ГОЛЕМО БЛАГОДАРАМ.
Навистина ни заврши ГОЛЕМА, ГОЛЕМА РАБОТА. Не смееме ни да помислиме што ќе беше ако Ерменија не „киксираше" во саботата.
Е тогаш навистина работата ќе беше за ПЛАЧЕЊЕ...
Сосема за крај, дај боже оваа „епизода" од Ереван да биде само поука, добра поука за Мрме и момците...

Најново во Фудбал