Во меч за престиж гостите бараат шанса за изненадување

Македонија го пали фудбалскиот оган од олимпискиот факел на Санта Рита

Македонија ќе игра против Италија за добар финиш на квалификациските мечеви во Г групата и за престиж, а дали ќе успееме да го запалиме фудбалскиот оган од олимпискиот факел на стадионот на Торино во областа Санта Рита ќе се знае некаде околу 23 часот 

објавено: 6 октомври 2017 - 16:35

Од Торино, Зоран Поповски

Македонија ќе игра против Италија за добар финиш на квалификациските мечеви во Г групата и за престиж, а дали ќе успееме да го запалиме фудбалскиот оган од олимпискиот факел на стадионот на Торино во областа Санта Рита ќе се знае некаде околу 23 часот.

Евентуален успех против „аѕурите“ вечерва од 20,45 часот ќе ни донесе нов елан и ентузијазам во нашиот фудбал.

Победа против 4-кратниот мундијалски првак и гигант на светскиот фудбал ќе значи заокружување на неверојатната 2017 година, која ни донесе историски настап на Европско првенство за млади фудбалери и ист таков успех со настапот на Вардар во фаза по групи во Европа Лигата.

А, добар штоф имаме, предводени од триото играчи што настапуваат токму во земјата што денеска ќе ни биде домаќин. Горан Пандев, Илија Несторовски и Алекс Трајковски ќе имаат посебни мотиви за надигрување, вечерва во Торино, но тоа не е се што Македонија има да го понуди. Тука е импресивниот Енис Барди, едно од најголемите изненадување во новата сезона во шпанската Примера Дивизија, потоа и Џани Алиоски од Лидс, Стефан Ристовски, кој потпиша летово за Спортинг... И уште десетици одлични фудбалери, особено од младата полска гарда, кои ни ветуваат убава фудбалска иднина.

Вечерва пред сите нив е вистинскиот предизвик. Повторно да се одигра добро како во Скопје, кога загубивме со 2:3, но сега со поинаков исход. Иако самите Италијанци не се задоволни од квалитетот на својата репрезентација, што зачудувачки овде во Торино ќе ви го кажат над 90 проценти од луѓето што ја сакаат „бубамарата“, сепак се работи за моќ, за квалитет, за огромно фудбалско богатство и наследство што го имаат „аѕурите“. 

Но, Македонија одигра егал со оваа генерација италијански репрезентативци, пред една година во Скопје, што дава надеж за нов спектакл и овојпат и подобар резултат за нас. Влогот реално не е голем за Италија, тие со 99 проценти сигурност ќе мора низ дополнителен двомеч во бараж да бараат шанса за пласман на Мундијалот во Русија, а ние... Ние сакаме да го запалиме оганот и да ја разгориме фудбалската страст, од олимпискиот факел, на стадионот на кој во 2006 година свечено се отворија Зимските олимписки игри во Торино, во областа Санта Рита.

Можни состави:

ИТАЛИЈА: Буфон, Барѕаљи, Бонучи, Кјелини, Дармијан, Пароло, Гаљардини, Запакоста, Инсиње, Имобиле, Верди. Селектор: Вентура

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу, Радески (Тошевски), Спировски, Алиоски, Барди, Несторовски, Пандев, Хасани. Селектор: Ангеловски.

Најново во Фудбал