Клучните 11 датуми во квалификациите за ЕП во Полска

Македонија во дрим-тимот на УЕФА, сензацијата на 11. октомври долго ќе се памети

УЕФА во координација со Полска веќе го промовира следното Европско првенство за играчи до 21 година, а пред ждрепката на 1. декември, посочени се клучните 11 датуми во целиот квалификациски циклус. Со фудбалски жаргон кажано, во стартните 11 на УЕФА ја има и Македонија и сензационалниот поход што заврши на 11. октомври годинава, со пласман на ЕП

објавено: 25 ноември 2016 - 09:04

УЕФА во координација со Полска веќе го промовира следното Европско првенство за играчи до 21 година, а пред ждрепката на 1. декември, посочени се клучните 11 датуми во целиот квалификациски циклус. 

Во стартните 11 со фудбалски жаргон се најдоа и македонските херои, а 11. октомври во статијата посветена на квалификацискиот циклус е посочен како ден кога се комплетира една голема сензација и Македонија за првпат се избори за пласман на едно Европско првенство во било која категорија.

Но, одиме со ред, од почетокот според изборот на УЕФА и со клучните датуми во квалификациите во кои учествуваа 52 земји.

26. март, 2015 - Се одигра првиот натпревар во квалификациите меѓу Република Ирска и Андора. Домаќините победија со 1:0 со голот на Дилан Коноли.

17. јуни, 2015 - Почнаа натпреварите во Групата 7, како последна во распоредот од првото коло. Стартот на квалификацискиот циклус во оваа група беше означен со мечот меѓу Фарските Острови и Азербејџан. Гостите победија со 0:1

9. октомври, 2015 - Австрија го победи Азербејџан со 7:0, што е највисок резултат во квалификациите. Подоцна, во март следната година и Чешка направи реприза со идентичен триумф против Малта. На тој меч игран во Малта, Патрик Шик постигна хет-трик, а подоцна токму напаѓачот на Сампдорија и на Чешката селекција до 21 година стана најдобар стрелец во квалификациите, со 10 погодоци.

24. март, 2016 - Шпанија загуби од Хрватска со 0:3 на домашен терен, што е највисок пораз на „Црвената фурија“ на своја почва. Шпанија е втората најтрофејна селекција што ќе настапи на ЕП во Полска, со 4 титули, зад Италија со 5.

6. септември, 2016 - Португалија ја победи Грција со 1:0 и стана првиот учесник преку квалификации, или втор со домаќинот Полска. Половина час подоцна и Данска се промовираше во сигурен учесник на ЕП, по триумфот против Романија со 3:1.

6. октомври, 2016 - Еден месец покасно се случија две нови промоции на патници за Полска, а Англија и Словачка имаа причини за славје како победници во своите групи.

7.октомври, 2016 - Полските соседи, Чешка и Германија се приклучија на списокот на учесници на ЕП. Особено импресивни беа младите Германци, како единствена селекција со максимални 10 победи и гол-разлика од 35:8.

10. октомври, 2016 - И актуелниот првак Шведска ги прегрме сите искушенија во најтешката квалификациска група, под реден број 6 и со победа над Хрватска од 4:2, во директен дуел, успеа да се пласира на ЕП. Во оваа конкуренција, Шпанија беше втора, а Хрватска испадна како третопласирана.

11. октомври, 2016 - Околу 19 часот славјето започна во таборот на најтрофејната нација на младинските Европски првенства, кај Италијаните, а нешто подоцна експлозија од емоции и од радост се случија во Македонија. Или како што објаснуваат од УЕФА, се случи вистинско чудо и најголемата сензација во квалификацискиот циклус, со пласманот на нашите младинци на ЕП во Полска. За првпат во нашата историја една фудбалска репрезентација ќе игра на континентален собир.

11. ноември, 2016 - Почнаа двата бараж двомечи меѓу Шпанија и Австрија, односно меѓу Србија и Норвешка, како финале на квалификацискиот циклус.

15. ноември, 2016 - Шпанија и Србија се промовираа како последни патници за Полска, откако во два меча беа подобри од Австрија, односно Норвешка, со што се познати сите 12 учесници на ЕП, следната година од 16. до 30. јуни.

 

Најново во Фудбал