Ако нема заткулисни игри ние ќе бидеме во првиот пот во Нион

Македонија за првпат со гигантите како топ-носител во Елитната рунда, ако УЕФА не одлучи поинаку

Младата македонска репрезентација за фудбалери до 19 години би требало да биде во групата на топ-носители на ждрепката за групите во Елитната рунда, во Нион на 6. декември, ако УЕФА не одлучи поинаку. Според резултатите во квалификациите не ни бега првиот барабан составен од седум селекции, како што е наведено во правилникот на Европската куќа на фудбалот

објавено: 15 ноември 2017 - 08:50

Младата македонска репрезентација за фудбалери до 19 години би требало да биде во групата на топ-носители на ждрепката за групите во Елитната рунда, во Нион на 6. декември, ако УЕФА не одлучи поинаку. Според резултатите во квалификациите не ни бега првиот барабан составен од седум селекции, како што е наведено во правилникот на Европската куќа на фудбалот.

„Репрезентациите ќе бидат поделени во четири шешири како носители, базирано на резултатите од квалификациската рунда, со Шпанија и Португалија кои имаат гаранирано место во првиот шешир“, стои во соопштението на УЕФА за дел од правилата пред ждрепката во Нион, на 6. декември од 11 часот.

Ако стриктно се почитуваат правилата Македонија заедно со Шпанија, Португалија, Чешка, Германија, Данска и Романија треба да биде во првиот шешир. Во нашата квалификациска група во Скопје забележавме три победи со гол-разлика од 10:2, со што сме седми во конкуренција на 28 репрезентации.

Шпанците и Португалците кои не играа квалификации ќе бидат привилегирани и сигурно ќе бидат во групата на топ-носители. Пред нас со максимален учинок од 9 бода и подобра гол-разлика се Германија (14:2), Чешка (11:0), Романија (12:2) и Данска (11:3).

Сепак постои и едно дополнување во правилникот на УЕФА што не може точно да се дефинира, а буквално вели: Сите останати промени ќе бидат дефинирани пред ждрепката.

Тоа остава простор за калкулации, а стравуваме од две варијанти, кои би не преместиле во вториот пот при ждрепката во Нион.

Едната е да се направи место за актуелниот шампион на Европа, Англија. Селекција која исто како и ние оствари три победи и има 9 бодови, и има иста позитива од 8 голови, како и Македонија, но со еден постигнат и примен гол помалку, односно со гол-разлика од 9:1.

Втората варијанта која не ни оди во прилог, иако не е децидно наведена како правило во одредување на четирите потови со носители, е да не се сметаат резултатите со најслабопласираните селекции во сите 13 групи. Во тој случај Македонија нема да биде во првиот барабан, бидејќи пред нас покрај Шпанија и Португалија ќе бидат и Германците, Чешка, Украина, Италија и Данска, како најдобри 7 селекции и плус Австрија.

Тоа би значело поместување на Македонија во вториот пот составен од седум селекции, што секако е полоша варијанта, бидејќи нема да можеме да ги избегнеме најсилните европски селекции и главни носители од првиот пот.

Елитната рунда ќе се игра на пролет идната година. Ќе има седум групи со по 4 репрезентации, од кои само победниците ќе патуваат на ЕП во Финска. Завршниот турнир за европската круна на најдобрите осум селекции, вклучувајќи го и домаќинот Финска ќе се игра од 16. до 29. јули идната година.

Најново во Фудбал