ТРЕНЕРОТ НА ТЕТЕКС ЗА ФУДБАЛОТ НА ОСТРОВОТ

Михајлов: Успехот на Исланд не е случаен, на него се работи една деценија

Репрезентацијата на Исланд е на добар пат да се пласира на Европското првенство во Франција 2016 година и тоа како првопласирана во групата А во конкуренција на велесили како Чешка, Холандија и Турција. Ако ова е изненадување за поголемиот дел од македонската фудбалска јавност, тука нема ништо чудно за тренерот Горазд Михајлов, кој еден дел од играчката и тренерската кариера ја мина токму на студениот остров.

објавено: 17 јуни 2015 - 21:23

Михајлов беше дел од фудбалската ренесанса на Исланд како инструктор во фудбалската академија на исландската федерација.

„Овие резултати на Исланд се плод на една сериозна и напорна работа. Сите знаеме каде беше исландскиот фудбал пред една деценија, а каде е сега. Лани играше бараж за пласман на Светското првенство во Бразил и испадна од Хрватска, но еве сега е на прагот на директен пласман на Европското првенство во Франција. Стратегијата и филозофијата се најважни во фудбалот. Фудбалската федерација на Исланд пред десетина години се реорганизираше во смисла на промена на работата и пристапот кон фудбалот. Почнаа да се градат нови затворени терени со вештачка трева поради лошите временски услови. Беа ангажирани голем број на странски тренери од Норвешка, Англија, Данска и други места со цел да се направи една стратегија. По долга анализа и работа на тренерите беа откриени слабостите, но и силните страни на исландските фудбалери. Најважна е таа транспарентност во работата на тренерите и нивната меѓусебна соработка. Исланѓаните како народ се многу дисциплинирани, работливи и никогаш не се откажуваат и физички се добро подготвени, тие се вистински наследници на Викинзите. Такви се и во фудбалот, а најголема слабост им беше техниката, па затоа сите овие години во развојот на фудбалот акцент беше ставен на техниката, а резултатите се евидентни", вели Михајлов, кој од 2005 до 2011 година работеше во оваа земја и како играч и како тренер.

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година во четвртокот загуби од Исланд со 3-0 во првиот квалификациски натпревар за Европското првенство. Резултатот можеби е превисок во споредба со прикажаната игра на Македонија, но домаќините знаеја како да ја искористат секоја наша грешка.

„Се согласувам дека резултатот е превисок, но кога се игра на Исланд треба во предвид да се земат и некои други фактори. Не знам колку ние бевме подготвени да играме на ова гостување во смисла на нефудбалски работи. Значи во овој период на Исланд температурата е околу 6-7 целзиусови степени. Кај нас е 30 степени, па таа температурна разлика сигурно влијае на фудбалерите. Често дуваат силни ветришта, што го прави играњето фудбал многу тешко. Во овој период од годината 24 часа грее сонце, што значи дека на странците отежнато им е спиењето. Тоа се некои работи на кои треба да бидете подготвени на Исланд. Во 2009 година кога игравме квалификации за Светско првенство со оваа репрезентација на сениорско ниво, тогашниот селектор Мирсад Јонуз и неговиот помошник од мене побараа совети за што да очекуваа од Исланѓаните. Мислам дека тогашните мои совети за нивната фудбалска филозофија помогнаа, бидејќи славевме во Скопје со 2-0. Сепак, мислам дека поразот на Исланд минатиот петок не треба да ги обесхрабри нашите млади фудбалери. Квалификациите се долги, а овој прв натпревар не решава ништо. Имаме страшно талентирана генерација, сигурно една од најдобрите во последните неколку квалификациски циклуси и на следните натпревари верувам ќе покажат многу повеќе", коментира тренерот на Тетекс.

Михајлов верува во фудбалскиот потенцијал на Македонија и дека само со професионална работа и вистинска стратегија можеме да го мрднеме македонскиот фудбал во позитивна насока.

„Талентот го имаме, но ни недостига вистинска работа. Да не почнам да зборувам за условите. Потребна ни е и вистинска стратегија на која ќе се работи повеќе години. Работите да не останат само на зборови, туку и на дела. Моменталниот наш фудбалски рејтинг можеби е реална слика на случувањата, но тоа треба да не мотивира да почнеме одново, а не да не обесхрабрува. Верувам во фудбалскиот потенцијал на оваа земја", завршува Михајлов.

Најново во Фудбал