СЕЛЕКТОРОТ НА МЛАДАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НАЈАВУВА

Милевски: Мечот против Србија ќе биде за уживање

Селекторот го продолжи договорот на уште две години и ќе ја води и оваа генерација низ квалификациите за пласман на ЕП 2019 година

објавено: 27 септември 2017 - 12:13

Селекторот на младата македонска репрезентација, Благоја Милевски го соопшти списокот на играчи на кои ќе смета за претстојните дуели од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2019 година. Македонија на 6 октомври ќе ја пречека Србија, а четири дена подоцна ќе гостува кај Гибралтар.

„Ни следат два меча, со Србија и Гибралтар. Со Србија ќе уживам. Тие се главни фаворити во групата. Имаат играчи од Топ 5 лигите во Европа. Не очекува тежок меч, но ние сме подготвени. Повикав тројца голмани бидејќи се два меча. За првпат е голманот Ѓорѓев, кој доаѓа од Америка“, рече селекторот Милевски.

Против Србија игравме летово и тоа на Европското првенство во Полска, кога мечот заврши нерешено 2:2. 

„Овој меч ќе биде сосема поинаков од тој во Бидгошч. Нова генерација е, само Елмас и Ѓорѓев се од прошлата генерација. Мотив нема да недостасува и ние одиме на победа“, додаде Милевски, кој дефинитивно ќе биде предводник и на оваа генерација на млади играчи, откако го продолжи договорот на уште две години.

Најново во Фудбал