ПРВА РЕАКЦИЈА НА СЕЛЕКТОРОТ ПО ЖДРЕПКАТА ВО НИОН

Милевски: Неатрактивни, но силни противници

Македонија е во група со Србија, Австрија, Русија, Ерменија и Гибралтар

објавено: 26 јануари 2017 - 10:41

Селекторот на младата репрезентација на македонија, Благоја Милевски заедно со директорот на репрезентацијата Саша Ќириќ во живо ја следеа ждрепката во Нион. Македонија ќе игра против Србија, Австрија, Русија, Ерменија и Гибралтар, во квалификациите за Европското првенство кое ќе се игра во 2019 година, во Италија. 

Милевски кој сега ќе добие нова генерација на млади играчи, верува дека ќе продолжи напредокот на репрезентацијата.  

„На прв впечаток групата не изгледа атрактивно, но противниците се силни и квалитетни. Србија која е наш ривал и на ЕП во Полска, Австрија која играше бараж со Шпанија за влез на шампионатот во Полска и Русија која е навистина квалитетна. Но, во секој случај добивме група за ново надигрување со силните европски репрезентации. И претходно кажав дека наша цел ќе биде потврда на квалитетот на игрите од претходниот циклус и конкурентност на теренот со секој противник, без разлика кој е од спротивната страна. Ние за квалификацискиот циклус за ЕП 2019 градиме комплетно нова репрезентација со која повторно ќе одиме чекор по чекор, како и низ претходните квалификации" , вели Благоја Милевски, во реакцијата објавена на сајтот на фудбалската федерација на Македонија.

Квалификацискиот циклус стартува во март оваа година, а ќе заврши во октомври 2018 година. Покрај подготовките на младите за овој квалификациски циклус, Милевски треба да се подготвува и со генерацијата која се избори за пласман на првиот континентален турнир. Македонија летово ќе биде дел од завршницата на ЕП во Полска.

Најново во Фудбал