СО КОЈ И ДА СЕ ПАДНЕ МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ АУТСАЈДЕР

Најтешката и најмалку тешката група за СП 2018!

Македонската фудбалска репрезентација попладнево (17 часот) во Санкт Петербург ќе ги добие противниците за следниот, мундијалски циклус, за пласман на СП 2018 година во Русија. Црвено-жолтите од претпоследниот петти барабан ги чекаат своите противници за следните квалификации.

објавено: 25 јули 2015 - 09:00

Поради резултатите во последните два циклуси, кога сѐ ќе се собере, кој и да се падне, Македонија во новиот циклус ќе влезе како аутсајдер. Фактот што на СП пласман обезбедуваат деветте најдобри селекции од групите, плус четири победници од баражите во кои ќе играат најдобрите осум второпласирани, ја прават „невозможна мисијата“ за црвено-жолтите, кои на стартот тргнуваат три скалила од посакуваната цел.

Селекторот Љубинко Друловиќ веќе објави што не сака да му се падне, а тоа се велесили како Германија (светски првак), Шпанија (европски првак), Англија, Франција од вториот барабан, како и земјите од опкружувањето поради нефудбалски причини.

Во пресрет на денешната ждрепка ја избравме најтешката група, сооглед дека бивши светски прваци како Франција и Италија се во вториот шешир, една од овие две велесили би формирале „група на смртта“ во квалификациите. Најтешка група би била Германија, Франција, Полска, Турција, Македонија и Казахстан.

Фактот дека во моментов речиси сме на дното и не многу далеку да бидеме и во последниот барабан, на Македонија и го дава статусот на аутсајдер. Па за нас, лесна група нема, но може да се формира најмалку тешка - Велс, Исланд, Северна Ирска, Фарски острови, Македонија и Сан Марино.

Податокот дека најголемиот дел од најнепосакуваните селекции, од опкружувањето и целиот Балкан се можни противници, а пред се поради импулсивните навивачи и односите, Македонија може да добие најефтина група за гостувања, но истовремено и најризична. Таква би била со Хрватска (прв барабан), БиХ (втор барабан), Албанија/Србија/Грција (трет барабан), Словенија/Бугарија/Црна Гора (четврти барабан), Македонија, Малта. Со хрватските навивачи, барем тие осогласените против ХНС и Здравко Мамиќ веќе имавме искуство (влегоа во клинч со полицијата), Босанците секогаш се непредвидливи, а Албанија со огромен број на сонародници во земјава, Србија (имаше инциденти во центарот на Скопје, а и извадија грчко знаме на „Филип Втори“) или јужниот сосед Грција поради затегнатите односи за уставното име би направиле група од која и УЕФА глава ќе ја боли.

Најтешката група во која Македонија може да се падне истовремено би била и најатрактивна и би привлекла внимание, но црвено-жолтите може да добијат и најнеатрактивна, а фудбалски „тешка“, не поради фактот дека пред нас ќе има фудбалски велесили, туку поради нашиот очаен развој во последните години. Таква група би била со Романија, Австрија, Унгарија, Израел, Македонија и Лихтенштајн. Во ваква група, Македонија ем тешко ќе игра, ем стадионот веројатно нема на ниту еден меч да се наполни.

На денешната ждрепка ќе бидат влечени 52 селекции, затоа што Русија е домаќин и автоматски е пласирана, а Гибралтар не е членка на ФИФА, иако игра во евроквалификациите. Тоа значи дека од девет групи, седум ќе имаат по шест селекции, а во тие групи поради централизација на ТВ-правата мора да бидат велесилите Англија, Франција, Германија, Италија, Шпанија и Холандија. Две групи ќе имаат по пет селекции, групи во кои веќе играла Македонија во минатото.

 

НАЈТЕШКА ГРУПА: Германија, Франција, Полска, Турција, Македонија и Казахстан

НАЈМАЛКУ ТЕШКА: Велс, Исланд, Северна Ирска, Фарски острови, Македонија и Сан Марино

НАЈНЕАТРАКТИВНА: Романија, Австрија, Унгарија, Израел, Македонија и Лихтенштајн

НАЈРИЗИЧНА: Хрватска, БиХ, Албанија/Србија/Грција, Словенија/Бугарија/Црна Гора , Македонија, Малта.

 

РАСПОРЕД НА БАРАБАНИ

ПРВ БАРАБАН: Германија, Белгија, Холандија, Португалија, Романија, Англија, Велс, Шпанија и Хрватска

ВТОР БАРАБАН: Словачка, Австрија, Италија, Швајцарија, Чешка, Франција, Исланд, Данска, БиХ

ТРЕТ БАРАБАН: Украина, Шкотска, Полска, Унгарија, Шведска, Албанија, С.Ирска, Србија, Грција

ЧЕТВРТИ БАРАБАН: Турција, Словенија, Израел, Р. Ирска, Норвешка, Бугарија, Ф. Острови, Црна Гора, Естонија

ПЕТТИ БАРАБАН: Кипар, Летонија, Ерменија, Финска, Белорусија, МАКЕДОНИЈА, Азербејџан, Литванија, Молдавија

ШЕСТИ БАРАБАН: Казахстан, Луксембург, Лихтенштајн, Грузија, Малта, Сан Марино, Андора

Најново во Фудбал