СИТЕ СЕ КАКО БРАЌА, СИТЕ ГИНАТ ЕДЕН ЗА ДРУГ

Несторовски: Пандев мора да игра и следниот циклус

„Ќе го натераме да игра. Капитенот доволно е само да стои на терен и да ја направи разликата“, рече голгетерот на Палермо

објавено: 7 октомври 2017 - 08:48

Илија Несторовски ја спушти топката со Пандев, овој асистираше до Трајковски и потоа следи гол за Македонија. Гол за радост и 1:1 против Италија на нејзин терен. Несторовски гордо ќе може да се врати во тимот на Палермо во Серија Б по репрезентативните обврски. 

„Премногу сме среќни, да одиграш 1-1 против четиркратниот светски првак стварно е голема работа особено во Италија. Во Македонија ни побегна тој триумф, сега ни се врати тоа. Во последно време ни се враќаат целата несреќа што ни се случуваше во овој циклус. Ни избега бод против Израел, бод против Италија, два бода против Албанија, но иако неавме доволно среќа, покажавме дека имаме супер репрезентација. Атмосферата навистина е одлична. Откако дојде селекторот Ангеловски, сите сме како браќа, сите гинеме еден за друг и резултатите пристигнуваат“, рече Несторовски.

Како една од главните причини за добрите резултати на националниот тим го издвојува враќањето на капитенот Горан Пандев, кој е вистински лидер на теренот. 

„Најголем пресврт во репрезентацијата е враќањето на нашиот капитен, многу е полесно кога игра Пандев, тој е лидер. Ќе го натераме да игра додека не умре на теренот, тој и само да стои ја прави разликата на теренот", заврши задоволно популарниот Нестор-гол.

Најново во Фудбал