ГОДИНИТЕ ГО ПРИТИСКААТ, НО НЕ СЕ ОТКАЖУВА

Пандев: Сакам и желен сум за игра, секогаш сум тука за Македонија, за дресот со државниот грб

Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев во интервју за „Македонски спорт“ најави дека ќе го облече „црвено-жолтиот“ дрес и во Лигата на Нации, бидејќи неговата желба е кариерата да ја заврши со настап на едно Европско првенство. 

објавено: 29 јануари 2018 - 14:20

Македонската фудбалска репрезентација ја има најголемата шанса за да заигра на едно Европско првенство и тоа преку Лигата на Нации, која стартува на есен. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски на патот до ЕП 2020 година на стартот за противници ги имаат Ерменија, Лихтенштај и Гибралтар. 

Ова е шанса која Македонија ја чекаа сите оние кои го носеле и го носат дресот на националниот тим. Прашањето кое многумина ги мачи е дали и капитенот и најдобриот фудбалер, Горан Пандев ќе биде дел од Лигата на Нациите.

Фудбалерот на Џенова во интервју за „Македонски спорт" најави дека ќе го облече „црвено-жолтиот" дрес, бидејќи неговата желба е кариерата да ја заврши со настап на едно Европско првенство.

„Се би дал да играм на едно големо натпреварување, кариерата да ја завршам со настап на едно Европско првенство. Моите мотиви не недостасуваат, сакам и желен сум за игра, како и секогаш кога станува збор за Македонија, за нашата земја, за дресот со државниот грб. Но, сепак мора да се признае и да се знае дека и годините ме притискаат. Јас сакам, имам неверојатна желба и сакам да помогнам во секој случај“, вели Пандев.

Капитенот посакува само здрвајето да го служи...

„Ова ќе биде мојата последна шанса или последен обид, за пласман на едно Европско превенство. Планирам, само ако здравјето ме послужи, да ја одиграм барем групната фаза во Лигата на Нации. Ќе направам напори, без разлика на годините, да помогнам колку што можам конечно Македонија да се најде на едно Европско првенство. Реков дека имам големи мотиви, тоа не е спорно. Зависи и од тоа во каква форма ќе бидам, знам дека на моите соиграчи и на селекторот Игор Ангеловски сум им потребен и затоа тоа ме влече напред, кон одлуката да играм за Македонија во есенските квалификации. Планирам кога ќе ми заврши договорот со Џенова на лето да најдам клуб со кој ќе играм барем уште една година. Ако тоа се оствари тогаш нема да има проблем да играм и за Македонија, но само ако бидам во добра форма, ако сум во ситуација да помогнам. Не сакам да бидам во селекцијата ако не се сум барем малку подготвен" истакнува Пандев.

*Повеќе читајте во печатеното издание на „Македонски спорт"

Најново во Фудбал