Селекторот го објави списокот за Лихтенштајн и Ерменија

Се враќаат Буба и Адеми, Шишковски меѓу голманите

„Не отстапуваме од фаворитската улога", вели селекторот на нашата А-фудбалска репрезентација Игор Ангеловски, во пресрет на октомвриските дуели во Лигата на Нации.

објавено: 4 октомври 2018 - 12:36

Селекторот на фудбалската репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски денеска на прес-конференција го објави списокот со повикани фудбалери за натпреварите од Лига на Нации против Лихтенштајн (13. октомври, Национална арена „Филип Втори") и Ерменија (16. октомври, „Вазген Саргсјан").

Во списокот се најдоа и три имиња кои се повратници во репрезентацијата, како голманот Шишковски и засилувањата за средниот ред Аријан Адеми и Ферхан Хасани.

„Ова е стандарден список на репрезентацијата во кој имаме три имиња со кои ќе ја зголемиме конкуренцијата. Очекувам максимално подготвени да влеземе на оној прв ме. Сите погледи се на тој меч, па потоа ќе мислиме за следниот дуел. Фаворити сме на дуелот со Лихтенштајн и нема да бегаме од тоа. Очекувам максимален сериозен пристап од фудбалерите и очекувам да го добиеме првиот меч", изјави селекторот Ангеловски.

За повредата на Дарко Велковски, селекторот вели дека ќе се чека на деталните прегледи во текот на денешниот ден, по што ќе се одлучи дали на негово место ќе повика некој друг фудбалер.

Собирот на македонската репрезентација во пресрет на овие средби во Лигата на Нации е закажан за 8 октомври.

Најново во Фудбал