Шестти пат против Шпанија

Со „Црвената Фурија“ црно ни се пишува(ше) (Видео)

Шпанија е фудбалска велесила со светски и европски титули, а ќе ни биде домаќин во Гранада, на 12. ноември, по третпат во шестиот меѓусебен меч. И очекувано досега со „Црвената Фурија“ црно ни се пишуваше, па имаме пет порази во ист број на дуели

објавено: 9 ноември 2016 - 11:20

Шпанија е фудбалска велесила со светски и европски титули, а ќе ни биде домаќин во Гранада, на 12. ноември, по третпат во шестиот меѓусебен меч. И очекувано досега со „Црвената Фурија" црно ни се пишуваше, па имаме пет порази во ист број на дуели.

Приказната со нашиот следен ривал во квалификациите за пласман на СП во Русија 2018 година почна на 12. октомври 1994 година. Бевме домаќини на шпанската армада во првиот меѓусебен меч и загубивме со 0-2. Хулио Салинас ги искористи грешките на одбраната и лошите интервенции на голманот Кире Трајчев и двапати погоди.

На искушение бевме и една година подоцна во Елче, а Шпанците славеа со 3:0. Кико, Мањарин и Каминеро беа стрелци за рутинска победа на домаќините.

Најблиску до победа бевме во август 2009 година, кога Шпанците ни беа гости по повод стогодишнината од фудбалот во Македонија. Горан Пандев со два гола најави сензација, но предноста од 2:0 брзо ни се стопи. Торес, Пике и Риера со по еден погодок направија пресврт и ни ја расипаа забавата на преполната арена.

Серијалот меѓусебни натпревари мешу двете селекции продолжи и во последните квалификации за ЕП во Франција и повторно на официјалните мечеви „Фуријата“ беше фуриозна. Во Валенсија пред две години не декласираа со 5:1, а домаќините стасаа и да си поиграат со нас, па Рамос ја изведе и популарната „Паненка“ од пенал. Агим Ибраими израмни исто така од пенал, а потоа следеше потпо и 4 гола на Шпанците. Пако, Бускетс, Силва и Педро до врв ја наполнија мрежата на Томе Пачоски.

Пачоски пак беше на мака и во последниот меч со Шпанците, во Скопје, на истиот датум 8. септември, но една година подоцна. нашиот голман кардинално погреши, па Мата неочекувано се радуваше на погодок за победа на гостите од 1:0.

Во Гранада Македонија се надева дека конечно ќе ја прекине црната серија во шестиот обид. Мечот се игра од 20,45 часот на стадионот „Нуево Лос Карменес“.

Најново во Фудбал