СЕЛЕКТОРОТ НАЈАВУВА „ЈУРИШ“ ПРОТИВ АУТСАЈДЕРОТ

Со офанзивна игра атак на трите бода против Лихтенштајн

Ангеловски знае дека Македонија е фаворит против Лихтенштајн, но таа улога треба да се потврди на теренот на противникот

објавено: 13 март 2017 - 12:16

Македонија се надева дека конечно ќе стигне до првите бодови во квалификациите за Светското првенство, кое следната година ќе се игра во Русија. „Црвено-жолтите“ гостуваат кај Лихтенштајн, во дуел на две селекции кои досега немаат освоено ниту еден бод. 

Селекторот Игор Ангеловски ја признава фаворитската улога, но сепак повикува на претпазливост, бидејќи веќе нема слаби противници. 

„Она што го најавив дека играчите од младата репрезентација ќе бидат вклучени, кога тоа е можно, го остваруваме. Верувам во овие повикани играчи, дека ќе влеземе максимално и конечно после добрите игри, да освоиме и бодови. Не бегаме од фаворитската улога, но нема да ги потцениме, затоа што Македонија веќе се има „изгорено“ во дуелите со вакви репрезентации. Верувам дека добро ќе се подготвиме и се надевам ќе ги освоиме трите бода“, рече Ангеловски на прес-конференцијата во ФФМ.

Предводникот на националниот тим од клупата, најавува дека против Лихтенштајн ќе има и промена на формацијата. Наместо формација 3-5-2, се очекува поофанзивна игра, во која ќе се пробие дефанзивната игра на противникот. Покрај стандардните играчи во офанзивниот ред е повикан и Музафер Ејупи.  

„Нема потреба да се игра со формација 3-5-2. На овој меч ќе играме поофанзивно. Ејупи е прв стрелец во Хрватска и со своите игри и голови заслужи да биде повикан“, потенцираше Ангеловски. 

Најново во Фудбал