Да се избегне реприза од минатото

С.О.С на време, Титаник пак да не нѝ потоне

Поразот од Гибралтар во младинска конкуренција повторно праќа предупредувачки сигнали и тоа точно една година, откако остваривме историски пласман на големо натпреварување во режија на младите херои

објавено: 11 октомври 2017 - 15:07

Зоран Поповски

Лани на 11. октомври се радувавме на победата на младите фудбалски херои против Шкотска во Скопје и особено на триумфот на Украина во Рекјавик против Исланд. Двојна радост за Македонија и прв настап на наша фудбалска селекција на Европско првенство.
Само 12 месеци подоцна повторно ги репризираме старите грешки, недоразбирања, маани и маки од минатото.

Има ли добра комуникација меѓу двајцата селектори Игор Ангеловски и Благоја Милевски? Зошто Елиф Елмас и Никола Ѓорѓев не играа во Фаро, против Гибралтар? Да се обидат да им помогнат на врсниците од младата селекција, да не минуваат низ голгота и сите заедно да не се срамиме од пораз од Гибралтар. Факт е дека беа на погрешното место. Во Струмица, наместо во Португалија.
Едниот, Никола Ѓорѓев, закован цел меч на клупата на македонската сениорска репрезентација против Лихтенштајн, а вториот, Елиф Елмас, со одиграно второ полувреме, при решен меч, кој ќе го добиевме и со него и без него. Двајцата се екстра таленти, им предвидуваат убава иднина, но овојпат беа испратени на погрешна адреса. Место во Струмица, требаше да бидат во Фаро. Да помогнат, а можат многу, да се избегне резилот со Гибралтар. На еден ден пред македонската фудбалска годишнина од блескавиот успех на младинците.


11. октомври е голем државен празник на Македонија и најзначајниот фудбалски момент за нашата земја. Ден кога се пласиравме на првото големо фудбалско натпреварување. Една година подоцна сосема непотребно се срамиме од непријатен пораз од младинците на Гибралтар.

На маката сега се надоврза и бурната разделба на Адис Јаховиќ од А репрезентацијата.

И затоа мора да испратиме С.О.С сигнал. Да не нѝ се случи реприза од минатото. Да не нѝ потоне повторно нашиот фудбалски Титаник. Поразот од Гибралтар во конечниот поредок во  седмата квалификациска група не мора ништо да значи, но сите други елементи опасно нѐ потсетуваат на сите наши претходни дебакли. Од скопското реми со европскиот првак Данска, во премиерниот квалификацски меч за Македонија не искористивме ништо.
Напротив, крајот на квалификациите за ЕП 1996 го дочекавме со непотребен рез. Останавме без легендите на мак-фудбалот, Дарко Панчев, Илија Најдоски, Тони Савевски..
За фудбалски полет и посигурен чекор кон големо фудбалско натпреварување елан не нѝ даде ниту историското реми, 2:2 против Англија. Остварено во Саутемптон, повторно во октомври, пред 15 години. Во местото од кое во 1912 година тргна легендарниот Титаник на пат кон Њујорк. Сензационален брод, како и нашиот резултат против Англија, 90 години подоцна. И наместо повторно да запловиме кон мирни води, кон ЕП, или СП, ние потонавме како Титаник. Со повремени блесоци и нерешени резултати против Холандија, Англија, победи против Хрватска, Србија, Република Ирска, Шкотска... нашиот фудбалски Титаник постојано нѝ тоне и тавори на претпоследното, или последното место во сите квалификациски циклуси. Со највисок дострел, четврто место во неколку квалификациски циклуси.
И сега според сите параметри имаме фудбалска атмосфера што ветува. Младите играа на ЕП во Полска, А селекцијата нанижа 4 меча без пораз во финишот на квалификацискиот циклус, ремизиравме со 4-кратен светски првак, со Италија во Торино.

Конечно на гости победивме подоброрангирана селекција од нас, Израел во Хаифа. И игравме многу подобро од бодовното салдо, (11 бода).

Вардар е првата македонска екипа што игра во Европа Лигата, Шкендија стаса до плејофот, безболно го минавме периодот на вклучување на младите херои во А селекцијата..

Повторно имаме многу причини за надеж во подобра фудбалска иднина.УЕФА ни понуди златна шанса преку Лигата на Нациите да одиме на ЕП. И во таква атмосфера, поразот од Гибралтар треба да значи силен сигнал за навремено будење. Да не го потонеме пак нашиот фудбалски Титаник.

Најново во Фудбал