ПРЕКИНАТА СЕРИЈАТА ОД 10 НАТПРЕВАРИ БЕЗ ПОРАЗ

СПУШТАЊЕ НА ЗЕМЈА: Непрепознатлива, посрамотена Македонија во Ереван! (ФОТО+ВИДЕО)

Прв пораз на македонската А репрезентација во четвртото коло од Лигата на Нации вечерва во Ереван зачудувачки убедливо со 4:0 од Ерменија, но и понатаму остануваме на првото место во групата 4 од Лигата „Д".

објавено: 16 октомври 2018 - 20:04

Фото, Петр Стојановски

Ерменците беа свесни што им се случи во претходниот меч и големиот шок кој го доживеаја од Гибралтар, па во првите 10. минути против нас покажаа лутина и од причина да го поправат впечатокот пред своите гледачи, а од наша страна бевме сеуште резервирани, чекајќи ги правите моменти да се нападне кон голот на Ајрапетјан.

Адамјан најпрво се закани, потоа Газарјан од слободен удар се обиде, но сигурен беше Димитриевски, но не и во 12. минута. Сиот налет на домаќините се исплати, после еден силен и незгоден удар на Маркос Пизели, одеше таа топка право во рацете на нашиот чувар на мрежата, но невнимателно реагираше, од неговите раце заврши во неговиот гол.

Спласнуваше притисокот од страна на Ерменците, а Македонија полека, но сигурно свесна дека мора да брка гол(ови) се сврти на противничката половина, а во 27. минута се случи еден сомнителен момент.

Пандев убаво го проигра Барди кој евидентно беше фаулиран во казнетиот простор на Ерменците, дефинитивно без сомнение еден опасен лизгачки старт кон нозете на фудбалерот на Леванте, но шведскиот судија зачудувачки ништо не досуди. Веднаш реагираа бурно нашите играчи кон Стромбергсон, по што Ристовски и Пандев добија жолти картони.

Се водеше голема борба на средината од теренот, со многу фаули, имавме поголем посед на топката, во првото полувреме беа покажани дури пет жолти картони. Од друга страна ривалот успеа во првите 45. минути да не доведе во минимален број на шанси за реализација, ниту еден во рамките, со само три обиди.

И во второто полувреме продолжија Ерменците да бидат агресивни во дуелите против избраниците на Ангеловски, неколку чисти прекршоци Швеѓанецот едноставно како да не знаеше или „можеби не сакаше" да ги досуди, а тоа секако го забележуваше и капитенот Пандев кој едноставно не можеше да се помири со одлучите на главниот судија.

Во 56. минута голема шанса имаше Ерменија да ја зголеми предноста на 2:0, Мхитарјан убаво беше пронајден од Адамјан, невнимателна беше одбраната, но за наша среќа фудбалерот на Арсенал ја погоди пречката.

Следуваше опасен напад на македонската селекција, една убава акција пред голот на Ерменците не беше крунисана со погодок. Трајковски ја додаде топката до нововлезениот Елмас кој шутираше, но не доволно силно, па „боксуваше" домашниот голман.

Се пожестоки нападите на Македонија, во 65. минута Пандев маестрално со „пета" го пронајде Алиоски, овој шутираше на втората статива, но со крајни напори одбрани Арапетјан. И наместо да продолжиме да напаѓаме, несфатлива грешка на релација Димитриевски со одбранбената линија, следуваше веднаш казна, Мхитарјан не размислуваше многу, асистираше до Мовсисјан кој не му беше тешко да го пронајде патот до мрежата за 2:0.

Повторно застанавме, несфатливо, но лесни топки губевме на средината од теренот, а сите дилеми беа решени во 81. минута од слободен удар шутираше Газарјан, право одеше во рацете на Димитриевски, но нова грешка, топката бега од неговите раце и заврши во мрежата.

Лошата вечер беше комплетирана со двата жолт картони, директно црвен за младиот Елмас кон во 93. минута предвреме го напушти теренот и со уште еден погодок во нашата мрежа. Мхитарјан од слободен удар го постави конечниот епилог за прв пораз на Македонија во Лигата на нации.

ЕРМЕНИЈА-МАКЕДОНИЈА 4:0 (1:0)
Пизели 12', Мовсисјан 67', Газарјан 81', Мхитарјан (90+4)

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Зајков (Хасани 76), Ристевски, Спировски (Елмас 58), Адеми, Трајковски, Барди (Несторовски 64), Алиоски, Пандев.

ЦРВЕН КАРТОН: Елмас (90+3)

Резерви: Бејтулаи, Цикарски, Елмас, Хасани, Несторовски, Николов, Митов-Нилсон, Шишковски, Тошевски.

УЕФА Лига на нации 2018/2019
Лига „Д"

4. коло (Група 4)
Ерменија-Македонија 4:0
20:45 ч. Гибралтар-Лихтенштајн

Табела:
1. Македонија 9 бодови
2. Ерменија 6
3. Лихтенштајн 3
4. Гибралтар 3

Наредно, 5. коло (двојки):
16. ноември
Гибралтар-Ерменија
Лихтенштајн-Македонија

Најново во Фудбал