ЗА ФФМ СЕ ВИНОВНИ СИТЕ, ОСВЕН ТИЕ САМИТЕ

Уште колку срамови треба да доживееме, а само селектори да менуваме?

Новата фудбалска катастрофа која Македонија ја доживеа со вториот квалификациски циклус завршен на последното место и пропаста до 138-то место на ФИФА-листата (на оваа позиција ќе бидеме идниот месец), заврши со заминување на актуелниот селектор Љубинко Друловиќ по само пет месеци на кормилото.

објавено: 16 октомври 2015 - 14:37

Македонија слободно може да влезе во аналите на светскиот фудбал, која имаше амбиции дури и за Евро 2016, а смени два селектори за еден циклус (13 месеци – од септември лани до октомври годинава) за да биде последна.

КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА ИЗБОРОТ НА „ЛОШИТЕ" СЕЛЕКТОРИ?

„Јас не сум за чести промени на селекторите, а ФФМ е задоволна од работата на Друловиќ", рече неодмна претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

Две недели потоа, Друловиќ си замина со образложение дека не ги исполнил ветувањата, но многу по веројатно дека и самиот не е убеден во тоа што го зборуваше – дека Македонија има иднина!

Кога за еден циклус ќе се сменат два селектори, без разлика дали било со отказ, спогодбен раскин на договор или оставка, а на крај ефектот е последно место, мизерен рејтинг, јасно е дека вината не е само кај селекторите. Кој ќе понесе одговорност за сите лоши проценки и оваа катаклизма? Уште колку срамови треба да се доживеат, а селектори да се сменат, за да се освести некој во ФФМ?

Друловиќ го напушти го бродот без компас и замина во белградски Партизан. Тој е третиот селектор, кој Македонија го менува за три години, откако во куќата на фудбалот се случија „промени на подобро" и дојдоа „спасителите". Пред Србинот, ФФМ предводена од Илчо Ѓорѓиоски ги избра и Чедомир Јаневски и Бошко Ѓуровски, две македонски легенди. Избра и домашни, ете сега имаше и странец кој го знае менталитетот и на крај исходот е – нула. Дали некој во ФФМ ќе ја преземе одговорноста за лошиот избор, кога веќе на плеќите на селекторите им е залепена етикета виновник. Ако селекторите се виновни за резултатите, кој е тогаш виновен за изборот на тие селектори. Ете резултатски, за една година утнати се – два „изборници".

ФФМ СЀ АМИНУВАШЕ И НА КРАЈ ГИ ЖРТВУВАШЕ

Ако Јаневски „избега" пред крајот на циклусот, иако со него се врати довербата од јавноста во националниот тим (трибините на „Филип Втори" беа преполни со Хрватска и Србија), Бошко Ѓуровски беше избран да го поправи тоа што се згреши во циклусот претходно. И Ѓуровски залута, но имаше одобрување од ФФМ. Имаше доверба и поддршка, чкрташе играчи кои со искуството и денеска заслужуваат да играат, направи и „туристичка прошетка" до Кина кога репрезентацијата не требаше да има предност, туку клубовите.... Сето тоа го аминуваше ФФМ, ја поддржа идејата да се отвори националниот тим за секој, под проект - се гради нова селекција. Аминуваше ФФМ и тоа што за едногодишен мандат на Бошко се извртеа 62 имиња во националниот тим... И на крај нормално – резултати не дојдоа.

Ѓуровски беше жртвуван, а спасот го бараа во Дуловиќ, иако јасно како ден е дека Македонија никогаш немала послаба селекција. Македонија е сведена на две-три имиња со квалитет, со само двајца кои играат во клубови со „европска есен“, со само еден кој игра во врвна лига. Од ваков штоф од еден метар, ФФМ од Друловиќ побара да се направат три костуми. И пропаста е само кулминација на сета лоша работа во изминатите годините. И вториот и третиот селектор во овој мандат на началството на ФФМ тргна со подмладување на селекцијата, ама...

„Јас кога дојдов на чело на ФФМ, очекував дека ќе имаме еден пад, затоа што акцент сакавме да ставиме на младите категории и развојот на младите, на подобрувањето на уловите. И една Белгија чекаше 12 години за да се погоди генерацијата со Азар и останатите", велеше Ѓорѓиоски.

КАКО ЌЕ СЕ ПОДМЛАДУВА ТИМОТ, КОГА НАЈДОБРИТЕ МЛАДИНЦИ НЕ СЕ ИЗБОР?

Сега повторно се актуелизира прашањето за подмладување, само нејасно е како селекција ќе се подмладува, кога најдобрите млади фудбалери имаат своја посебна мисија – квалификациите за ЕП 2017 до 21 година.

Пропаста на Македонија е што од помладите категории нема преголем избор за да ги заменат своите постари колеги во надежните селекции, а тие од највозрасната младинска категорија да може да ја пополнат сениорската. Кога овој систем некогаш и некако профункционира, тогаш надежта за некаква иднина, макар и чекале 12 години како Белгија би постоела. Вака може Македонија да чека уште, две-три децении за да се врати во просечноста.

Пред новиот селектор, а се појасно е дека ќе биде помошникот на Друловиќ, Игор Ангеловски – Мрме е финансиски слатка функција, а исклучително тешка. Ангеловски со Работнички има успех, но нема притисок. Сега ќе се соочи со вистинскиот притисок за да го потврди својот квалитет. Прашање е што сега ќе се мери за успех за Ангеловски, што како цел ќе постави ФФМ, за да преживее подолго од своите претходници. Или сега ќе се бара алиби дека сме најслаби, па треба време за да се направи нешто повеќе.

Веќе сѐ е посочено со работата на фудбалските (не)работници во удобните фотелји. Прашање е сега дали Мрме е новото ново жртвено јагне на ФФМ? Или време е во ФФМ да си признаат дека дебело ја утнале работата и дека треба да ја напуштат „куќата на фудбалот“?

Никола Богојевски

Најново во Фудбал