Четири национални селекции се во погон и играат квалификации

Врви од фудбал, македонска есен во знакот на „бубамарата“

Октомври и ноември се во знакот на фудбалот во Македонија, а дури четири репрезентации ќе бидат во погон, три од нив во првите десетина дена од овој месец

објавено: 2 октомври 2017 - 13:29

Октомври и ноември се во знакот на фудбалот во Македонија, а дури четири репрезентации ќе бидат во погон, три од нив во првите десетина дена од овој месец.

Први ќе „тргнат“ денеска од 15 часот нашите репрезентативци до 17 години на квалификацискиот турнир во Скопје за пласман во Елитната фаза.

Прв противник ни е селекцијата на Босна и Херцеговина, од 15 часот на теренот на ФФМ во населбата Аеродром. Во истиот термин на стадионот „Борис Трајковски" во населбата Маџари, играат репрезентациите на Молдавија и Словачка.

„Против квалитетниот состав на Босна и Херцеговина го отвораме турнирот во Скопје. Гостинската селекција е силна, минатата година беа учесници на Европското првенство до 17 години, сега создаваат нова генерација и секако не очекува тежок натпревар. Ние одигравме неколку контролни натпревари како подготовка за овој квалификациски турнир и се надевам дека во вистински момент ќе дојдат и резултатите. Првиот натпревар е важен и сигурен сум дека сите ќе го дадат максимумот со цел да стигнеме до поволен резултат, изјави селекторот на репрезентацијата Горан Станиќ.

Турнирот ќе се игра од денеска до осми октомври, а во меѓувреме и двете наши повозрасни селекции ќе играат квалификациски мечеви. Младинците до 21 година ги очекуваат два меча за четири дена. Најпрво со Србија на шести октомври во Скопје од 15 часот, а потоа во Фаро, Португалија, на десетти октомври со Гибралтар. И потоа ќе следи и меч со Австрија во Скопје на 14. ноември.

На шести ќе има двојна програма на младинците и А селекцијата. Сениорите ќе играат во Торино, Италија, против аѕурите, во претпоследниот меч од квалификацискиот циклус за пласман во Русија на СП 2018 година, а завршуваме дома против Лихтенштајн на деветти октомври.

Во ноември и момците на возраст до 19 години ќе играат прва фаза квалификации за пласман на ЕП. Од осми ноември ќе играме во Скопје против фудбалските гиганти Белгија и Швајцарија и со Лихтенштајн.

Потврда за богата фудбалска есен со четири наши селекции кои ќе играат квалификации за пласман на големи натпреварувања.

Најново во Фудбал