ВРЕМЕ Е ЗА ПРВА РАДОСТ ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2018

Започнува мисијата „три бода за Македонија“

„Црвено-жолтите“ денеска во Скопје ќе ги започнат подготовките пред мечот против Лихтенштајн, кој се игра в петок во Вадуц

објавено: 20 март 2017 - 08:11

Македонските фудбалски навивачи ја очекуваат првата радост во квалификациите за Светското првенство кое следната година се игра во Русија. „Црвено-жолтите“ денеска ги започнуваат мини-подготовките, пред дуелот против Лихтенштајн, кој ќе се игра на 24 март, во Вадуц. 

Македонија за прв пат ќе ја има улогата на фаворит, но тоа ќе треба да се докаже на терен. Селекторот Игор Ангеловски, денеска во 15 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ ќе го одработи првиот тренинг за предстојниот меч. Првиот човек од клупата ветува дека Македонија ќе оди на три бода, но сепак е претпазлив.

По досегашните четири меча Македонија и Лихтенштајн се без ниту еден освоен бод. Македонија досега даде четири погодоци, но прими 11, додека Лихтенштајн само еднаш ја има затресено противничката мрежа, а дури 16 пати била матирана нивната одбрана. 

Македонија има три несреќни порази во квалификациите за СП 2018, а само од Шпанија беше надирана и загуби со 4:0. Во дуелот против Израел, Адис Јаховиќ промаши пенал за реми во 90 минута, а Македонија прими голови во судиското надополнување, поради кои загуби, во мечевите против Италија (2:3) и Албанија (1:2).

По толку немање среќа, сега е време македонските репрезентативци да покажат дека имаат победнички карактер и да се подготват за славје на мечот против Лихтенштајн на гости.

Најново во Фудбал